Воспитување

Фрази со кои родителите несвесно ги учат децата на пасивна агресија

Комуникацијата помеѓу родителите и децата значително се менува во текот на тинејџерските години. Разговорите често стануваат понапнати, а секојдневните несогласувања сè почести. Во такви ситуации, кога се фрустрирани, родителите понекогаш кажуваат реченици кои изгледаат безопасно, но на децата им испраќаат погрешна порака.

Фразите како „Како и да е, ќе направиш по свое“„Не е проблем“ (иако е очигледно дека постои проблем) или „Сама ќе го направам тоа“ лесно стануваат дел од секојдневниот говор. Меѓутоа, токму ваквите изјави ги учат децата на пасивно-агресивно однесување.

Експертите истакнуваат дека децата усвојуваат пасивна агресија кога возрасните зборуваат едно, додека нивниот тон или однесување покажува нешто сосема друго.

– Пасивната агресија е замена за искрено изразување на емоциите. На децата им се потребни возрасни кои ќе им покажат дека е возможно да се биде истовремено и љубезен и отворен – изјави терапевтот Мет Грамер.

Еве ги најчестите фрази што поттикнуваат пасивно-агресивно однесување, како и подобри начини да ги изразите своите чувства:

„Добро, прави што сакаш“

Оваа реченица е речиси универзален начин родителот да каже: „Многу сум лут/а поради твојата одлука.“ Проблемот е што зборовите не ги одразуваат вистинските чувства. Советникот Брук Мекензи објаснува дека на овој начин детето учи дека не е безбедно или прифатливо отворено да каже дека со нешто не се согласува.

  • Што да кажете наместо тоа: „Не се согласувам со твојата одлука и сакам да ти објаснам зошто.“ Ако со зборовите велите „да“, а со однесувањето покажувате „не“, го учите детето дека комуникацијата е всушност игра на погодување.

„По сè што направив за тебе денес…“

Оваа реченица ги учи децата да користат чувство на обврска и вина за да ги наведат другите да ги послушаат.

  • Што да кажете наместо тоа: „Во моментов се чувствувам преоптоварено и многу би ми значела твојата помош.“ Потребата останува иста, но е изразена директно. На овој начин децата учат јасно да побараат помош наместо да предизвикуваат грижа на совест кај другите.

„Јас, изгледа, сум лош родител“

Кога детето сака да разговара за нешто што го повредило, родителите понекогаш реагираат со сарказам или претерана самокритика. Со ова фокусот се префрла врз детето, кое наместо да разговара за својот проблем, почнува да го теши родителот.

  • Што да кажете наместо тоа: „Разбирам што сакаш да ми кажеш. Ми велиш дека ти пречи кога јас…“ Важно е да го сослушате детето кога зборува за вашето однесување, без да заземате одбранбен став или да драматизирате.

„Ти многу добро знаеш што направи!“

Психотерапевтот Лин Закери истакнува дека детето најчесто навистина не знае што точно направило погрешно. Оваа фраза (како и реченицата „Ова не би требало ни да ти го зборувам“) го учи детето дека здравите односи подразбираат читање туѓи мисли наместо отворена комуникација.

  • Што да кажете наместо тоа: „Можам ли да ти објаснам што ме вознемири и зошто? Не сакам да погодуваш.“

„Да ме сакаше вистински, ќе…“

Оваа реченица е многу штетна бидејќи ја претвора љубовта во средство за уцена. Децата тогаш учат дека љубовта мора да ја заслужат со послушност и дека е подобро да молчат и да трпат за да има мир наместо да градат однос базиран врз искреност.

  • Што да кажете наместо тоа: „Ова ми е важно и ќе ти објаснам зошто. Можам ли да ти кажам што ми е потребно?“

Молкот како казна (и говорот на телото)

Молкот или игнорирањето на детето е уште еден облик на пасивно-агресивна комуникација кој остава долгорочни последици. Децата што растат со ваков образец, како возрасни или самите го користат молкот како казна или веруваат дека секоја тишина значи дека направиле нешто погрешно.

  • Што да кажете наместо да молчите: „Вознемирен/а сум и ми треба малку време да се смирам и да ги соберам мислите за да можеме мирно да разговараме. Ќе зборуваме подоцна.“

Покрај тоа, обрнете внимание и на говорот на телото. Длабоката воздишка, избегнувањето контакт со очите, вртењето грб или прекрстените раце исто така испраќаат пасивно-агресивни пораки. Побарајте отворен став: опуштете го лицето, воспоставете благ контакт со очите, седнете до детето и зборувајте со мирен тон кој е во согласност со вашите зборови.

Извор

Поврзани написи

To top