Игротека

8 забавни игри што можете да ги играте со децата во секое време и на секое место

„Досадно ми е!“, „Што да правам сега?“, „Ајде да играме!“ – ова се реченици кои секојдневно се слушаат во домовите на секое семејство со деца. Играчки брзо го губат сјајот, па родителите често мора да бидат креативни за да го пополнат времето.

За среќа, најдобрите игри се всушност оние кои бараат само малку имагинација и вашето време. Тоа се игрите со зборови, броеви и приказни кои и самите ги игравме како мали. Пред да почнете, прилагодете ја играта на возраста на вашето дете за да избегнете фрустрација и не заборавајте да го пофалите секој успех!

Еве 8 игри кои можете да ги играте дома, во автомобил, во чекална или на плажа:

1. „На буква, на буква…“

Класична игра со зборови која секогаш е забавна.

  • Како се игра: Еден од играчите во себе ја кажува азбуката, а играчот до него вели „СТОП“. На буквата на која ќе застане, сите наизменично кажуваат зборови. За да биде поинтересно, можете да се ограничите само на животни, градови или машки/женски имиња.
  • За помлади деца: Наместо азбука, подгответе ливчиња со букви во еден сад или едноставно дозволете му на детето самото да си ја избере омилената буква.
  • Втора верзија: Еден играч погледнува околу себе, избира еден предмет и ја кажува почетната буква, а другите погодуваат што е тоа.

2. „Бесконечна приказна“

Одлична игра која можете да ја играте додека готвите, пеглате или патувате.

  • Како се игра: Вие ја започнувате приказната со неколку зборови (на пример: „Беше убав и сончев ден…“или „Првиот ден на училиште, Марко се разбуди…“), а потоа детето продолжува со една реченица, па се менувате наизменично.
  • Честопати од овие игри излегуваат прекрасни креативни приказни кои можете да ги запишете и да ги читате како сопствена приказна за добра ноќ.

3. Избегнување зборови

Предизвик за концентрација и многу смеа.

  • Како се игра: Целта е да се избегне изговарање на одредена забранета буква или збор. Замислете утро во кое е строго забрането да се каже зборот „НЕ“ или која било зборка што почнува на буквата „С“. Паметно поставувајте му прашања на соиграчот за да го наведете да згреши. Победува тој што ќе издржи најдолго.

4. Погоди кој, погоди што

Игра на дедукција и логичко размислување.

  • Како се игра: Еден учесник замислува некој предмет, личност или животно. Другите му поставуваат прашања на кои тој може да одговори само со „ДА“ или „НЕ“ (на пример: „Дали е живо суштество?“„Дали е сино?“„Дали е помало од автомобил?“). Тој што прв ќе погоди, го замислува следниот поим.

5. Спротивностите се привлекуваат

Брза и динамична игра за збогатување на вокабуларот.

  • Како се игра: Најмладиот играч кажува еден збор (на пр. „топло“), следниот веднаш мора да го каже неговиот антоним („ладно“) и да зададе нов збор („лето“), на кој третиот играч одговара со спротивното („зима“). Кога ќе наидете на збор кој нема директна спротивност, отворете забавна дебата за тоа кој поим најмногу би одговарал.

6. Сè на иста буква

Креативен предизвик за создавање необични реченици.

  • Како се игра: Изберете една буква, на пример „Б“. Секој од учесниците во себе (или на хартија) составува реченица во која секој збор започнува на таа буква (на пр. „Баба Билјана бере боровинки…“). Секој ја чита својата реченица и ги брои зборовите, а победник е оној кој успеал да вметне најмногу зборови.

7. Измислен свет

Игра која ги урива границите на реалноста и ја поттикнува детската фантазија.

  • Како се игра: Поставете хипотетичко прашање како: „Како би изгледал светот кога луѓето би оделе наопаку?“„Што би се случило кога би се угасиле сите семафори?“ или „Што ако животните почнат да зборуваат?“. Поттикнете ги децата да смислат што е можно поинтересни последици и креирајте цел нов свет преку вашите одговори.

8. Асоцијации

Одлична вежба за брзо размислување и поврзување на поимите.

  • Како се игра: Еден играч задава поим (на пример „градинка“), а другите наизменично и брзо кажуваат зборови поврзани со тој поим (папучи, играчки, другарчиња, ужина). Истото може да се игра и со бои (на пр. за „црвено“ одговараат со јагода, срце, домат). Оној кој ќе наброи најмногу поими е победник.

Игрите не бараат скапи помагала – тие бараат само ваше присуство и внимание. Преку овие едноставни активности, децата не само што се забавуваат, туку го развиваат својот говор, ја вежбаат концентрацијата и ги зајакнуваат емоционалните врски со семејството.

Извор

Поврзани написи

To top