Здравје

Домашен базен во дворот или на терасата: Како безгрижната оаза да не се претвори во здравствен ризик?

Кога живата во термометарот ќе надмине 35 степени, а заминувањето на море не е опција, домашните базени стануваат омилениот дел од дворот или терасата. За родителите со мали деца и за трудниците на кои тешко им паѓаат метежите, ова изгледа како идеално, приватно решение за разладување.

Денес пазарот нуди сè – од мали, плитки базени за бебиња до големи семејни базени со сериозни системи за филтрација. Меѓутоа, иако изгледаат како безгрижна оаза, домашните базени носат специфични ризици кои најчесто се однесуваат на хигиената, хемискиот третман на водата и физичката безбедност.

Јавен или домашен базен – што е побезбедно?

Одговорот не е црно-бел бидејќи и двете опции носат различни видови ризици:

  • Јавните базени се подложни на строги санитарни контроли, а водата континуирано се филтрира. Сепак, огромниот број капачи на едно место го зголемува ризикот од габични инфекции, ентеровируси и респираторни инфекции.
  • Домашните базени нудат контролирана средина каде што се капе само вашето семејство, што драстично го намалува ризикот од вируси. Меѓутоа, најголемата замка е одржувањето на водата. Ако таа не се филтрира и третира правилно, летното сонце за миг ја претвора во идеална средина за брзо размножување на бактерии и алги, што предизвикува исип, стомачни тегоби и уринарни инфекции.

Трудници во домашен базен, на што да внимавате?

Чувството на бестежинска состојба во вода им носи огромно олеснување на отечените зглобови и болниот грб кај бремените жени, но потребна е доза на претпазливост:

  • Ризик од инфекции: Трудниците се поподложни на вагинални и уринарни инфекции поради промените во pH-вредноста на флората. Беспрекорно чистата вода мора да биде апсолутен приоритет.
  • Температура на водата: Водата не смее да биде премногу топла (над 32 степени). Прегревањето на телото во бременоста, особено во првиот триместар, може да биде опасно. Водата треба да биде пријатно освежувачка.
  • Влез и излез: Кај поголемите семејни базени каде што има скали бремените жени мора да бидат исклучително внимателни. Скалите можат да бидат нестабилни или лизгави, па присуството на уште едно лице е топла препорака.

Децата и базените – безбедноста на прво место

Кога се во прашање децата, фокусот се префрла на физичката безбедност, со оглед на тоа што давењето е еден од водечките причинители за несреќи кај децата под пет години:

  • Правило „на дофат на рака“: Детето во базенот (или покрај него) никогаш, ниту за секунда, не смее да биде без надзор. Заблуда е дека давењето се случува со викање и прскање – тоа е најчесто сосема тивко и може да се случи и во само 10 сантиметри вода.
  • Отстранување на скалите: Кај големите семејни базени најважното безбедносно правило е задолжително да ги извлечете и тргнете скалите кога базенот не се користи. Децата се љубопитни и лесно можат да се искачат по нив.
  • Празнете ги малите базени: Малите базени на дување мора да се испразнат веднаш по завршувањето на капењето.
  • Тргнете ги играчките од водата: Кога ќе завршите со капењето, извадете ги сите гуми, топки и играчки. Шарените предмети што пловат можат да му го привлечат вниманието на детето и да го наведат да се обиде да ги дофати кога не го гледате.

Златни правила за чистење и одржување

Начинот на одржување драстично се разликува во зависност од големината на базенот:

За мали базени (без пумпа и филтер):

  • Секојдневна промена на водата: Единственото безбедно правило за малите детски базени е нова вода секој ден.
  • Плакнење пред полнење: Кога ќе го испразните базенот, избришете ја внатрешноста со сунѓер за да го извадите лигавиот слој (биофилм во кој живеат бактериите), добро исплакнете, па дури потоа наполнете го со нова вода.

За поголеми семејни базени (со пумпа и филтри):

  • Редовна филтрација: Пумпата не е тука за украс. Водата мора да циркулира, а препораката е пумпата да работи неколку часа секој ден (најдобро ноќе или кога нема никој во базенот). Филтрите треба редовно да се плакнат и да се менуваат на секои две недели.
  • Балансирање на pH-вредноста: Ова е чекор кој родителите често го прескокнуваат, а е клучен. Идеалната pH-вредност на водата е меѓу 7,2 и 7,6. Ако pH-вредноста не е добра, хлорот нема да дејствува врз бактериите, а водата може да предизвика иритација на очите и на кожата на децата.
  • Дезинфекција (хлор или активен кислород): Водата мора редовно да се третира со таблети хлор кои се ставаат во дозер што плови (никогаш директно во водата бидејќи ќе го оштетат дното и можат да предизвикаат изгореници на кожата).
  • Хигиена пред влез: Задолжително е туширање пред влез во базен. Ставете лавор со чиста вода покрај скалите за децата да ги исплакнат стапалата од трева и земја. Кремовите за сончање и пот ја валкаат водата и ги затнуваат филтрите.
  • Заштитна покривка: Кога ќе завршите со капењето, задолжително покријте го базенот. Покривката спречува да навлезат инсекти и лисја, ја блокира сончевата светлина (што го забавува растот на алгите) и го спречува испарувањето на водата и хемикалиите.

Извор

Поврзани написи

To top