Воспитување

Родителите денес се „хеликоптери“: На децата им треба потпора, а не постојан надзор

Истражувањата покажуваат дека децата што пораснале во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век не станале постабилни луѓе затоа што имале подобри родители или поквалитетно образование, туку затоа што многу порано научиле самите да се справат со проблемите, меѓусебните конфликти и досадата.

Современите родители се преплавени со совети и страв да не погрешат, па затоа децата денес растат под постојан надзор и анимација. За здраво растење, клучно е детето да има слобода да истражува, да греши, но и да знае дека покрај себе има сигурен и одговорен родител кој му е потпора.

Соочувањето со проблемите го стимулира мозокот

Најголемата разлика меѓу некогашното и денешното родителство лежи во стекнувањето животно искуство преку правење грешки. Кога детето постојано се соочува со мали секојдневни проблеми и мора самото да ги решава, неговиот мозок се стимулира, а тоа станува постабилно, позрело и повешто.

Некогашните родители беа далеку поопуштени и не беа насочени кон секој чекор на своето дете. Тоа беше едноставно соживот – детето го добиваше она што му беше потребно, а потоа самото наоѓаше со кого ќе игра, како ќе игра и што ќе прави. Ја немаше таа денешна опсесија и постојано гледање во детето.

Со родителите денес управува стравот

Денес е сè поприсутен феноменот на таканаречените „хеликоптер-родители“, кои постојано кружат над главите на децата, ги следат и се обидуваат да ги заштитат од секој потенцијален проблем. Ова е одраз на родителска несигурност и недоверба во светот околу себе.

  • Преплавеност со информации: Денешните родители се оптоварени со социјалните мрежи и разни теории за воспитување, додека претходните генерации повеќе се потпираа на мајчинскиот инстинкт и на својот внатрешен глас. Ги следеа децата, но не беа „над“ нив.
  • Одземање на самостојноста: Претераната грижа им ја одзема на децата можноста да развијат отпорност. Порано беше нормално: „Падна, добро стани“. Денес кога детето ќе падне, сите скокаат околу него.

Досадата е корисна – престанете постојано да ги забавувате децата

Голем проблем на денешницата е што децата се навикнати некој постојано да ги анимира – без разлика дали родителите ќе им дадат телефон или самите постојано играат со нив. На тој начин тие стануваат центар околу кој се врти светот и губат способност самите да си го организираат времето. Досадата, која некогаш ја поттикнуваше детската имагинација, денес веднаш се пополнува со екрани.

Златното правило на современото воспитување: Ние не живееме за децата, туку живееме со децата. Тоа значи дека родителите треба да си имаат свој живот и свои обврски, а децата се тука покрај нив, во еден опуштен соживот, а не во постојано таргетирани активности.

На детето му треба јасен глас од родителот кој вели: „Јас сум возрасна личност и знам што е добро за тебе, а што лошо“. Кога детето гледа некој што е посилен од него, тоа знае дека може да се потпре на тој човек. Ако детето е посилно од родителот, тогаш тоа нема никаква потпора во животот.

Совршени родители не постојат

Најважно е децата да растат во средина со љубов, поддршка и доволно простор за да грешат, да паѓаат, да стануваат и постепено да ја градат сопствената стабилност. Бабите и дедовците се тука за да бидат дел од таа мрежа на поддршка, но клучната улога и поставувањето на границите секогаш им припаѓаат на родителите.

Извор

Поврзани написи

To top