Воспитување

Развојот на детето низ очите на специјалниот едукатор

„Моето дете сè уште не зборува како другите деца на негова возраст.“
„Не сака да си игра со врсниците.“
„Постојано е во движење и тешко се задржува на една активност.“

Ова се дел од најчестите грижи со кои родителите се обраќаат кај стручните лица кога имаат дилема околу развојот на своето дете. Во време кога споредбите се неизбежни во градинка, во парк или преку социјалните мрежи, лесно е родителот да се почувствува несигурно.

Но, кога развојот се гледа низ очите на специјалниот едукатор, фокусот не е на споредбата со другите деца, туку на едно суштинско прашање: Како се развива самото дете?

Секое дете има свое темпо

Една од најважните работи што родителите треба да ја знаат е дека развојот не е натпревар.

Некои деца порано проодуваат, други порано прозборуваат. Некои лесно воспоставуваат контакт со нови луѓе, додека на други им е потребно повеќе време за да се почувствуваат сигурно.

Затоа, кога се следи развојот, поважно е да се гледа напредокот на детето во споредба со вчера, минатиот месец или минатата година отколку споредбата со врсниците.

Што навистина гледа специјалниот едукатор?

Специјалниот едукатор при процена на детскиот развој гледа многу повеќе од самото однесување.

Не се анализира само што прави детето, туку како го прави тоа, начинот на кој функционира во различни ситуации. Целта не е да се направи „листа на вештини“, туку да се разбере развојниот профил на детето како целина.

Посебно внимание се посветува на тоа како детето:

  • воспоставува и одржува контакт со околината (возрасни и врсници)
  • реагира на своето име и на социјални повици
  • иницира комуникација и дали се обидува да го сподели своето внимание или интерес
  • користи говор, гестови, поглед и други форми на комуникација
  • се вклучува во игра: дали истражува, имитира или повторува одредени шеми
  • се приспособува на нови ситуации и промени во рутината
  • се справува со фрустрација и предизвици

Особено значајно е да се разбере процесот, а не само резултатот, односно како детето доаѓа до одредено однесување или реакција, дали му е потребна поддршка и каква е неговата иницијатива за учење и поврзување.

На овој начин процената не претставува само моментна слика, туку основа за подлабоко разбирање на потенцијалите, силните страни и областите каде што детето има потреба од дополнителна поддршка.

Играта како прозорец кон развојот

Често во работата со деца играта, на прв поглед, за родителите изгледа како едноставна и спонтана активност. Но токму во тие моменти за специјалниот едукатор се отвора еден од најважните прозорци за разбирање на детето.

Преку играта може да се види дали детето ја разбира функцијата на предметите, дали ги користи на симболичен начин и дали се вклучува во имагинативна или повторувачка игра. Се следи и дали игра самостојно, дали бара насока од возрасен или активно иницира заедничка игра.

Исто така, играта покажува колку детето е флексибилно во своето размислување и однесување, дали може да прифати нови идеи во играта, да менува улоги или да се приспособи на друг учесник, или останува во повторувачки шеми.

Затоа, играта не е само активност за забава, туку природен простор во кој детето учи, комуницира и ги развива своите социјални и когнитивни вештини.

Комуникацијата не се мери само со зборови

Покрај играта, друга најважна област во набљудувањето е комуникацијата. Родителите често се фокусираат на бројот на зборови што детето ги користи, но комуникацијата е многу поширок процес.

Се следи дали детето се обидува да воспостави контакт и без говор, дали користи поглед, гест или звук за да изрази потреба, како и дали постои обид за споделување внимание и интерес со другите.

Во многу случаи токму овие невербални форми на комуникација даваат најјасна слика за тоа како детето се поврзува со околината.

Родителот како клучен соработник

Во целиот процес родителот има незаменлива улога. Тој е оној што најдолго и најдлабоко го познава детето, ги забележува малите промени и секојдневно создава ситуации за учење и развој.

Затоа, улогата на специјалниот едукатор не е само процена на детето, туку и поддршка на семејството – да помогне во разбирањето на однесувањето, да понуди насока и да ги зајакне родителските капацитети за поддршка на развојот.

Развојот на детето е динамичен и индивидуален процес кој се гради низ секојдневните искуства. Улогата на специјалниот едукатор е да го разбере овој процес во целина, да ги препознае потенцијалите на детето, неговите потреби и начините на кои најдобро напредува.
Еднакво важна е и улогата на родителот, кој преку својата секојдневна грижа и присуство создава најприродна средина за развој. Кога постои соработка и заедничко разбирање, се отвора простор за појасна насока и поцврста поддршка во развојниот пат на детето.

Автор: Симона Петрушева Саболиќ, Специјален едукатор и рехабилитатор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top