Образование

Марија Петровиќ, логопед: „Детето прво треба да го усвои и научи мајчиниот јазик, а потоа може да започне со учење втор јазик“

За развојот на говорот, влијанието на екраните и важноста на раната интервенција, разговараме со Марија Петровиќ, логопед од Скопје. Таа ни ги разјаснува клучните дилеми на родителите и ги разбива најчестите митови за говорно-јазичниот развој кај децата.


  1. Која е разликата помеѓу говор и јазик. Честопати овие два термини се мешаат. Можете ли да ни објасните дали детето може да има совршен изговор на гласовите, а сепак да има проблем со јазичното изразување и разбирањето?

Точно е дека родителите многу често ги мешаат овие два термини и тоа кај нив создава чувство на збунетост. Најпрво треба да се разјасни што претставува говорот, а што јазикот.

Јазикот е систем на симболичка функција, систем кој е заеднички за одредена група на луѓе. Тој е најопшто средство за комуникација меѓу луѓето. Човекот, сакајќи да ги изрази своите мисли, желби, намери, емоции… се служи со јазичните средства. Така се раѓа ГОВОРОТ.

Говорот се формира и се развива за да може да се реализира јазикот, а јазикот пак настанува и се развива како производ на говорот. Со едноставни зборови кажано: јазикот е она што го кажуваме, а говорот е како го кажуваме тоа. За да се изразиме, ги користиме гласовите од нашиот мајчин јазик. Проблемите во говорот и јазикот се различни, но често се случува да се вкрстат. Дете кое има проблеми со јазикот често може многу добро да изговара зборови, но да не биде способно да го разбере нивното значење, односно неговиот говор тогаш е нефункционален. Исто така, се случува некое дете да има тешко разбирлив говор, но тоа да биде способно да ги изразува своите мисли, односно сепак неговиот говор да биде функционален и да треба да се работи на корекцијата на гласовите.

Доцнењето во говорот е поврзано со артикулациските проблеми (изговор на гласови), додека пак доцнењето во јазичниот развој е поврзано со разбирањето на значењето на зборовите и нивната употреба. Штом родителот ќе почувствува некаков сомнеж, мојот совет како логопед е веднаш да побара стручна помош бидејќи раната интервенција е клучот.


  1. Колку начинот на исхрана (џвакање цврста храна, користењето цуцли или долготрајното пиење од шише со цуцла) влијае врз развојот на говорниот апарат и правилниот изговор?

Начинот на исхрана е еден од поважните фактори за правилен говор кај децата. Денес сѐ почесто се среќаваме со деца што јадат само блендирана храна, а тоа значи дека тие не ја активираат мускулатурата во оралната регија. Самиот акт на џвакање и голтање е многу важен за правилен говорен развој.

Долготрајната употреба на цуцла, шише со цуцла или цицање на прст доведува до лоша позиција и слаба подвижност на говорните органи, што подоцна резултира со неправилна артикулација на гласовите: С, З, Ц, Ш, Ж, Л, Р…

Кога бебето има цуцла во устата, тоа не може да даде соодветна реакција на стимулацијата и не може да гуга или да имитира звуци. Идеално би било по првата година децата целосно да се ослободат од употребата на цуцлата. Исто така, еднакво битно е и дишењето. Доколку забележите дека детето дише само орално (преку устата), препорачуваме посета на соодветен доктор специјалист.


  1. Во денешното општество многу деца растат со два јазика или поминуваат многу време со содржини на англиски јазик. Дали тоа го збунува детето и како правилно да се воведе втор јазик без да се загрози мајчиниот?

Употребата на екрани е еден од најчестите фактори за доцнење во говорно-јазичниот развој. Дете до две, односно три години апсолутно нема никаква потреба од екрани.

Детето прво треба да го усвои и научи мајчиниот јазик, а потоа може да започне со учење втор јазик. Кај децата што доцнат во говорниот развој, двојазичноста ќе предизвика дополнителни тешкотии: мешање на изразите, неправилна граматичка структура и неправилен изговор. Најдобро би било прво да се усвои мајчиниот јазик, а темпото на индивидуалниот развој ќе ни покаже кога е време за втор јазик.


  1. Кои се оние вештини што детето треба да ги совлада пред воопшто да го каже првиот збор (на пример, контакт со очи, показен гест, заедничко внимание) и зошто тие се темелот на комуникацијата?

Развојот на говорот започнува многу пред првиот збор преку невербалната комуникација. Првите гестови (показен гест, чао, бакнеж…) се јавуваат помеѓу 8. и 10. месец.

Во предјазичните вештини спаѓаат: социјалната интеракција (контакт со очи, реагирање на име), вниманието и фокусот, имитацијата, моториката и разбирањето. Ако недостига некоја од овие вештини, голема е веројатноста дека детето ќе доцни во својот развој. Родителите треба да обрнат големо внимание на оваа предјазична фаза бидејќи научениот гест набрзо се претвора во збор.


  1. Кој е најголемиот мит или погрешен совет што родителите го добиваат од околината (на пример, „машките подоцна прозборуваат“ или „ќе се пушти само“) кој всушност може да му наштети на напредокот?

Најлошиот совет што родителот може да го добие е: „мало е за да оди на логопед, има време, ќе пушти“. Така се губи најзначајното време за промени. Исто така, грешка е споредувањето со други деца – секое дете има различен развој и му треба индивидуален пристап.

Ако се посомневате во какви било отстапки, веднаш побарајте консултација од стручно лице – логопед. Само така ќе добиете точни насоки за понатамошниот тек на развојот.


  1. На која возраст детето треба да има правилен изговор на сите гласови од мајчиниот јазик?

Секој глас има своја календарска возраст кога треба да биде правилно изговорен. Иако развојот е индивидуален, нормите треба да бидат показател: Дете постаро од 5,5 години треба да има правилен изговор на сите гласови од својот мајчин јазик!

Навременото започнување со логопедските третмани значи побрзо и полесно доаѓање до целта – ПРАВИЛЕН ГОВОР КАЈ ДЕТЕТО!

Поврзани написи

To top