Велигден е уште поубав кога се слави низ игра – еве како да го направите овој празник магичен за вашите деца. Неколку предлози како квалитетно да им се посветите на децата и да воведете нови празнични традиции:
Изработка на покани
Организирајте мала забава за пријателите или роднините. Заедно со детето направете покани во форма на големо јајце од хартија, обојте ги или украсете ги со колаж. Можете да исечете и корпа од хартија врз која ќе лепите хартиени јајца во боја.
Држачи за јајца
Искористете ги картонските ролни од тоалетна хартија. Исечете ја ролната на три еднакви дела и обојте ги со темперни бои или спреј. Додајте велигденски сликички или премачкајте ги со лепило и декорирајте ги со светки. Овие држачи ќе бидат прекрасен украс на трпезата.
Животни од велигденски јајца
Претворете ги јајцата во мали животни или луѓе. Потребни ви се варени јајца, колаж-хартија, лепило, памук и фломастери.
- Зајаче: Додајте уши, мустаќи и опашка од памук.
- Пиленце: Додајте клун, нозе и пердуви.
- Бубамара: На црвено јајце нацртајте црни точки и очи.
- Човече: Направете јајце кое личи на некој член од семејството – додајте му коса, очи и уста.
„Што знаеме за јајцата?“
Оваа игра е поучна. Разговарајте со децата за деловите на јајцето (лушпа, белка, жолчка), како се вадат пилињата и зошто јајцата се здрави. Потоа направете мал квиз за да го тестирате нивното знаење.
Потрага по јајца
Ова е една од најпопуларните игри. Скријте ги бојадисаните, чоколадните или пластичните јајца низ станот или во дворот. Децата ќе бидат воодушевени додека ги бараат, а вие треба само да го запомнете вкупниот број на скриени јајца.
Велигденска трка
Подгответе патека со препреки. Децата се делат во две групи. Првото дете носи јајце во лажица и треба да го помине полигонот без да го испушти, па да му ја предаде лажицата на следниот во тимот. Победува групата што побрзо ќе ја заврши трката со помалку скршени јајца.
Велигденска пињата
Направете фигура од хартија (со помош на балон, лепило и хартија) и наполнете ја со бонбони и пораки со изненадување. Закачете ја на дрво или на повисоко место. Децата со врзани очи треба да се обидат да ја погодат пињатата со стап за да се истури „дождот“ од слатки.