однесување Прашај психолог

Мојата 2,5-годишна ќерка плаче откако е родена, а сега и вреска и фрла предмети. Буквално очи не отворила, а плаче, како да ѝ помогнеме?

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на 2,5-годишно девојче кое во последно време вреска, се треска за сенешто и плаче. Таа плаче откако е родена, за 2,5 години ретко да сме ѝ погодиле нешто. Станува од спиење со плачење, буквално очи не отворила, а плаче. Ќе фрли нешто и потоа бара ние да ѝ го дадеме. Плаче ако нешто сака или не може да направи, никогаш не кажува со убаво. Кога ќе ја прашаме што е работата, зошто плаче, вели дека не знае. Инаку, детето зборува, пее песни, брои до 20 и ја кажува азбуката. Не знаеме веќе што да направиме за да ѝ помогнеме.

ОДГОВОР: Тантрумите најчесто се јавуваат по првата година и најизразени се до третата година. Во тој период децата разбираат многу повеќе отколку што можат да се изразат со зборови и развиваат желба за самостојност и контрола која не се во можност да ја остварат. Тантрумот е излив на бес и невробиолошка иритација при незадоволство, фрустрација и неисполнета желба од страна на возрасните. Од вашиот допис можам да забележам дека развојното ниво на тантрумизација кај девојчето е одложено и како што кажавте, досега таа немала позначајни тантруми и сѐ се решавало со разговор.

Што сѐ може да ја одложи тантрумизацијата? Најчесто угодливост и рамноправност што децата ја изјавуваат како „Да се договориме“, А во превод значи дека сепак јас ќе бидам задоволна и нема да се соочам со фрустрација. Значи, одлагањето на фрустрациите или одлагањето на „НЕ“ за мир во куќа е одлагање и на тантрумите. Потоа темпераментот на самото дете, на пример, интровертите подоцна покажуваат тантруми во однос на екстровертите итн. Затоа би ве советувала да ја работите едицијата „Железница на чувствата“ во издание на „Либи“ и да направите родителско советување со стручно лице со цел да ја зајакнете родителската самодоверба и да утврдите и нови или постојни родителски вештини.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top