Прашај психолог училиште

Соучениците цело време го задеваат син ми, го нарекуваат бубалица, плачко и го тераат да пцуе, па пред некој ден имаше паничен напад… Како да му помогнам?

ПРАШАЊЕ: Моето дете има речиси 12 години и има проблем со соучениците. Тој е интелигентен, мирен, одличен ученик, се натпреварува по математика и ниту еден наставник не се пожалил. Многу му пречи бучава и кога наставниците викаат на час, тој се враќа дома со главоболка. Во нашето семејство нема кавги, не се пцуе, не се навредуваме, не се понижуваме. Се трудиме нашите деца да растат во нормално, хармонично семејство.

Дознав дека го нарекуваат „бубалица“, го потпишуваат „педер“ во игрите, го предизвикуваат на игри како борење, пукање и слично само за да го задеваат. Тој игра тенис, а не фудбал, не сака борби и туркање и затоа во тој дел не е силен и снаодлив. Лесно се натажува и му доаѓаат солзи, па затоа уште повеќе станува мета на задевање. За возврат тој знае да избувне физички. Не го повредува другото дете, на пример, фрлил гума за бришење настрана, а не директно кон детето што го нарекувало „плачко“. За да биде дел од друштвото, морал да пцуе. Пред некој ден доби паничен напад и по 2 часа разговор дознав дека на часовите е опкружен со деца што го задеваат, а наставничката не сака да го премести. Едно од децата му се заканувало дека ќе се пресмета физички со него, а друго му ставало палто врз главата за време на одморите. Ве молам за помош како да реагирам.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и жалам што вашето дете, а и вие, се соочувате со овие проблеми. Според опишаното, детето има сензитивен, доста совесен и внатрешно структуриран карактер, со силно развиено чувство за ред, правда и мир. Тоа се навистина доста големи квалитети, но токму тие квалитети во детските групи, особено на оваа возраст, за жал, можат да го направат детето многу ранливо.

На оваа возраст децата влегуваат во фаза кога групата станува многу важна, но истовремено и многу сурова. Таа станува место каде што се одвиваат многу внатрешни процеси – несигурност, страв, потреба за припадност и борба за позиција.

Децата, секако не сите, стануваат „сурови и лоши“ едни кон други затоа што се несигурни и се плашат да не бидат отфрлени, па за да се заштитат, несвесно го насочуваат потсмевот или агресијата кон некој друг. Тие многу брзо препознаваат кој е почувствителен, поинаков или помалку агресивен и тогаш групата често ги „празни“ своите несигурности и агресии врз оној што нема силни одбранбени механизми. Затоа, најчесто мета во ваквите случаи стануваат децата како вашето дете, кои полесно ја покажуваат својата ранливост. Денес, за жал, многу вредности се искривени, па децата што се груби и лошо се однесуваат се карактеризираат како „кул“, „голем мангуп“ итн. Во групата таа динамика се засилува уште повеќе и се губи индивидуалната одговорност, а потребата да се припаѓа станува посилна од емпатијата.

Од друга страна, тука се и „двојните стандарди“, детето дома учи што е почит, смиреност, вредности, а надвор, во групата, често владеат правила на сила, доминација и потсмев. Дете како вашето, кое расте во хармонична средина, не е подготвено природно да се снајде во таков амбивалентен свет. Кога детето силно реагира, се повлекува или понекогаш избувнува, тоа е знак дека неговиот внатрешен свет е преоптоварен, а паничниот напад е само симптом дека во тој момент не може да се справи со стресот.

Како родители ќе му помогнете така што ќе му покажете на детето дека тоа што го чувствува е во ред и дека е разбирливо, но истовремено треба да му помогнете да разбере дека тие чувства не го прават слабо, ниту го дефинираат како личност.

Кога ќе дојде дома, обидете се прво да го „соберете“ емоционално. Бидете смирени. Со разбирање и со вашето присуство, а потоа и со постепен разговор за тоа што може да направи следниот пат, научете го што може да направи во тие ситуации: „Светот понекогаш не е како дома и ќе учиме заедно како да се заштитиш.“ Важно е да му помогнете да изгради еден внатрешен став: „Јас сум во ред, иако другите не се однесуваат добро.“

Паралелно, учете го на конкретни начини да се заштити без да стане агресивен – како да каже кратко и јасно „не ми се допаѓа тоа“, како да избегне ситуации кои го повредуваат и да не биде постојано изложено, а и да побара помош кога му е тешко, т.е. да почувствува дека има избор и дека треба да се залага за себе.

Воедно, не штитете го целосно од секоја непријатна ситуација и не сожалувајте го, туку бидете покрај него додека учи како да се справува со сѐ. Би било добро да се вклучи и во тимски спортови каде што ќе научи да соработува и да се брани кога е потребно. Детето треба да поминува повеќе време со таткото во разговори и активности, да биде негов пример, да му дозволите да се лути, да протестира, да ја негувате и другата страна.

Вашата улога е да бидете негова сигурна база и водич, вие како родители да сте местото каде што е прифатен, но и некој што ќе му помогне да расте. Паралелно, ова не е само задача на вас и на детето, туку и на другите возрасни околу него.  Наставниците имаат одговорност да создадат безбедна средина.

Со текот на времето детето ќе научи дека може да остане чувствително, емпатично и свое, а сепак доволно силно да се носи со светот кој не е секогаш нежен.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top