ПРАШАЊЕ: Мојот син има шест години и до пред една година си одеше нормално, си газеше нормално на петтата, а сега оди на прсти. Потоа, ги повторува повеќе пати речениците и цело време е во движење. Со говорот има проблем, не ги поврзуваа речениците, а и со моториката во последно време. Почна и нервозен да станува. Ве молам за помош.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и добро е што ги забележувате промените кај вашето дете. Она што го опишувате, начинот на кој се однесува вашето синче, не треба да се игнорира и треба да се бара стручна процена. Бидејќи велите дека има промена во однос на претходниот развој (особено во одењето), важно е тоа навреме да се процени.
Размислете дали имало некаква поголема промена или стресен настан во последниот период? Велите дека има 6 години, дали детето почнало да оди на училиште и дали оттогаш почнаа овие промени?
Понекогаш кога детето е напнато или не може со зборови да го изрази она што го чувствува, тоа го покажува преку телото – преку повторувачки движења или однесувања. Таквите повторувачки активности често се начин детето само да се смирува.
Препорачувам најпрво да се обратите кај педијатар, кој понатаму ќе ве упати на дополнителни испитувања доколку е потребно. Исто така, би било корисно да направите развојна процена кај дефектолог, како и консултација со логопед поради говорните тешкотии. Колку порано се обратите за поддршка, толку подобро. Тоа е првиот и најзначаен чекор кон разбирање и поддршка на вашето дете.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova