Многу мајки уживаат да ги нишаат своите малечки во прегратка, пеејќи им нежни мелодии додека тие заспиваат. Науката потврдува дека тие песни не само што го смируваат, туку имаат и огромен придонес во когнитивниот развој на детето. Тие песнички го зголемуваат вниманието на малечките и ги зајакнуваат позитивните емоции кон мајката.
Музиката е алатка која ги зближува луѓето уште од најраното детство. Истражувањата покажуваат дека бебешкиот мозок го следи ритамот и преку него учи како да го разбере светот околу себе. Кога мајката пее, таа не само што пренесува звук, туку гради социјална и емотивна врска која е клучна за развојот на детето.
Смирување наспроти забава
Истражувачите анализирале како мајките им пеат на своите бебиња во зависност од целта: дали сакаат да ги смират или да си играат. Резултатите покажале дека кога мајката пее нежно и тивко, детето се смирува. Од друга страна, кога тонот е разигран, бебињата покажуваат поголемо внимание и повеќе радост, останувајќи фокусирани на лицето на мајката.
Пораката што ја испраќа вашиот глас
Пеењето е еволутивен начин за смирување на вознемирените бебиња. Кога му пеете на вашето дете, вие му праќате сигнал дека целото ваше внимание е насочено кон него. Со тоа му давате до знаење дека е на безбедно место и дека сте тука за него. Вашиот глас му пренесува дека во тој момент не постои ништо поважно од него.
Затоа, продолжете да ја потпевнувате таа мелодија, дури и ако мислите дека не пеете совршено. За вашето бебе, вашиот глас е најубавиот звук на светот. Тоа не ја оценува вашата техника, туку ја чувствува вашата љубов и присуство во секој испеан збор.