Совети

Домашната задача не е ваша обврска: Како да му помогнете на детето без да учите наместо него

Времето за учење често се претвора во семејна драма, викање и нервози. Најчесто, сакајќи да му помогнеме на детето, ја преземаме неговата одговорност, со што несвесно му праќаме порака дека тоа не е способно само да се справи со предизвиците.

Каде грешиме како родители?

Најголемата кочница е претераното помагање. Кога ги кажуваме готовите решенија или му суфлираме за секој збор, детето станува пасивно и ја губи иницијативата. Наместо да развива работни навики, тоа учи како да се потпре на вас за секој мал проблем.

Дополнителен стрес создава несоодветниот тајминг. Домашните задачи што се пишуваат доцна навечер или во бучна средина само ја зголемуваат нервозата. Кога на тоа ќе се додаде притисокот за совршени оценки, учењето веќе не е процес на откривање, туку товар што детето сака што побрзо да го отфрли.

Препорака од педагог

Вашата улога е да бидете поддршка, а не наставник. Наместо да решавате задачи, бидете консултант кој го насочува детето како самото да дојде до одговорот. Кога ќе заглави, не нудете му готово решение, туку прашајте го каде може да ја најде потребната информација во книгата.

Обезбедете му на детето тивок агол за работа, без телефон и играчки. Најдобар начин да стане самостојно е да го поттикнете прво да ги заврши задачите што му се лесни, а вие да бидете достапни само за насока кај потешките делови.

Наместо да се фокусирате на грешките, пофалете го вложениот труд и упорноста. Кога детето ќе сфати дека домашната задача е негова лична одговорност, а вие сте негов сојузник, отпорот кон учењето природно ќе исчезне.

Поврзани написи

To top