ПРАШАЊЕ: Би сакала да поставам едно прашање што многу ме загрижува. Се работи за ноќно мокрење кај мојот 9-годишен син. Сѐ до 6 години имаше стекнато навика во текот на ноќта да пие млеко или сок, па мораше да носи пелена во текот на ноќта. Откако тргна на училиште, се одвикна од пиењето течности во текот на ноќта и носењето пелена. Но, никако не може да го решиме проблемот со ноќното мокрење. Минатата зима пиеше таблети „минирин“ само 15 дена и немаше никакво подобрување. Ова лето бевме кај друг педијатар. Направивме преглед на ехо, крвна слика, сѐ е во ред. Пак пиеше „минирин“ два месеци и имаше подобрување. Но сега повторно му се случува понекогаш да се измокри. Секој совет би ми бил од полза.
ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост. Ноќната енуреза не секогаш има психолошка природа. Најпрво треба да се направи преглед и консултација кај педијатар нефролог. Советувам да водите дневник за ноќно мокрење, детето да е инволвирано во секојдневно цртање цртежи во склоп со промените во ноќните часови. Да воведете систем на награда секогаш кога ќе се разбуди суво и да се започне со посебен тренинг на мочниот меур за кој ќе ве советува детално специјалист нефролог. Доколку тој посочи и на психолошка проблематика, потребно е да се обратите кај детски психолог за процена.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com