Иако не постои строго правило, по однесувањето на децата често може да се насети како се воспитани дома. Наставниците, кои со нив поминуваат многу време, уште полесно го забележуваат тоа.
Кога ќе се случи некој настан поврзан со деца што нè шокира, често велиме дека „доаѓа од дома“. И кога учениците прават глупости или се однесуваат несоодветно кон другарите и наставниците, повторно го заклучуваме истото. Иако има исклучоци, ваквите процени најчесто не се далеку од вистината.
Наставниците ги гледаат децата во поинакво светло од родителите и можат да извлечат многу заклучоци. Уредничката Сара Мичел разговарала со наставници и стручни соработници кои велат дека уште на прв поглед чувствуваат кои деца се навистина сакани, а кои се само згрижени. Тоа нема врска со облека или совршена домашна задача, туку со однесувањето.
Еве кои работи ги забележуваат.
Поинаку бараат поврзаност
Саканото дете се радува на пофалба, но не зависи од неа. Детето што нема доволно внимание дома непрекинато бара потврда и тешко поднесува кога наставникот ќе пофали некој друг.
Начинот на кој зборуваат за чувствата
Саканите деца умеат точно да кажат како се чувствуваат („разочаран сум“, „фрустрирана сум“). Другите најчесто се сведуваат на „лут/тажен“ затоа што дома не се разговара за емоциите.

Самодоверба при обид за нешто ново
Саканите деца се осмелуваат да пробаат и тешки задачи бидејќи знаат дека грешките не ја одземаат љубовта од родителите. Децата што не го чувствуваат тоа или избегнуваат обиди или доживуваат силен стрес при грешка.
Природна физичка блискост
Саканите деца лесно прегрнуваат, тешат и покажуваат топлина бидејќи секојдневно ја доживуваат. Кај другите или има избегнување на допири или прекумерно барање внимание.
Како зборуваат за домот
Саканото дете раскажува со детали и топлина за обични моменти со семејството. Детето кое е само згрижено дава кратки, празни одговори без емоционална поврзаност.
Независност
Саканите деца се самостојни затоа што се чувствуваат сигурно и знаат да побараат помош. Другите се снаоѓаат сами од што мораат, но тешко ги регулираат емоциите.
Како зборуваат за себе
Саканите деца имаат охрабрувачки внатрешен говор („можам“, „во ред е да згрешам“). Другите често се критикуваат и се откажуваат уште пред да пробаат.