Воспитување

Возрасни сме и уморни – да престанеме да бидеме лоши една кон друга

Се сеќавате ли кога бевте во основно училиште и вашата најдобра другарка почна да шефува? Можеби вие сте сакале да се нишате, но таа инсистирала да се качувате на другите реквизити на игралиштето.

Сте биле толку лути на нејзиното доминантно однесување што потоа сте одбивале да седнете со неа да јадете. Сте се заколнале дека никогаш повеќе нема да си играте со неа.

Се сеќавате ли потоа, кога бевте во средно училиште или на факултет и следуваа „вистински“ расправии со вашите другарки? Можеби биле кажани лаги или тајните не биле чувани. Сте ја криеле вашата болка и сте наоѓале утеха кај други пријателки кои ќе ги потврдат вашите чувства, со тоа што со задоволство ќе ја озборуваат вашата ужасна другарка.

Има уште многу вакви сценарија. Тага поради пропаднати пријателства и љубомора. Но, не знаеме дека злобата е замислива и по 30-годишна возраст. Обично претпоставуваме дека жените растат и автоматски го заменуваа говорот исполнет со омраза со весели разговори. Изгледа дека и домаќинките и мајките се способни за злонамерни озборувања.

Како 33-годишна мајка на две деца, секојдневно сум изложена на злоба. Го слушам тоа на натпреварите на моите деца, го читам во пораки, го мислам (и го зборувам) и самата кога ќе сретнам друга жена која изгледа поубаво од мене или не ги прави работите онака како што јас сметам дека треба да се прават.

Како и во деновите на нашата младост, жените што се чувствуваат оштетени или загрозени од друга жена го прават точно она што го правеле како девојчиња: ги искажуваат своите фрустрации кон другите. Желни сме за потврда. Ни треба тим. Не сакаме да повредуваме сами. Не сакаме да мразиме сами.

Така нашите јазици почнуваат да се одврзуваат и се сеат семиња на омраза. Пред неколку години блиска пријателка ме повреди зборувајќи им ужасни работи за мене на другите. Кога ги открив погрешните и дрски работи што ги кажала, се соочив со неа и крвава расправија го заврши нашето пријателство. Бев решена да ги свртам сите наши заеднички пријатели против неа, поради она што го кажа за мене. Додека шетав низ дневната соба тоа попладне со телефонот в рака, дури и им ги открив нејзините тајни на други дами, и признавам дека претерував со некои од нив. Кога го направив мојот последен телефонски повик за денот, сите мостови на нашето пријателство беа изгорени и се чувствував како победник.

Како што минуваа деновите и неделите, почнав да се чувствувам ужасно за она што го направив. Во тоа време имав 30 години, што е преголема возраст за да глумам „лоша девојка“. Требаше да го направам она што треба да го направи секој зрел возрасен во таа ситуација: требаше да ги прекинам врските со неа, но во меѓувреме да си ја држам устата затворена.

Кога наидов на мојата поранешна пријателка една година подоцна, имавме разговор како возрасни. Се извинив што се однесував како ученичка споделувајќи ги нејзините тајни и обидувајќи се да ги уништам нејзините пријателства со другите. Не ми се извини и таа, но тоа беше во ред. Мојата совест беше чиста. Си ветив дека повеќе нема да бидам толку злобна, дека нема да озборувам или да се лутам од болка, пораз или љубомора.

Со една пријателка излеговме на вечера, па една убава жена со вита линија и сјајна коса влезе во ресторанот. Двете ја познававме малку, па таа застана на нашата маса да нè поздрави. Разменивме вообичаено „лицемерно“ брборење. „Како се децата? Како е мајка ти? Мило ми е што те гледам.“ Таа уште не беше седната на својата маса, кога презирот почна да излегува од нашата маса.

-Дали знаеш зошто нејзиниот сопруг ја остави? – почна мојата пријателка.

-Не! Што се случи? – прашав, со широко отворени очи, подготвена да ги проголтам озборувањата.

Седевме таму речиси триесет минути брборејќи за неуспешниот брак на оваа жена, нејзините долгови и бунтовното однесување на нејзиниот син. Штом се вратив дома, бев исцрпена од сè, а тие познати бранови на вина ми ја преплавија душата. Оваа жена, со нејзината згодна фигура и стилска облека, не ми направи ништо, а сепак, зборував за неа како да ми е непријател. Јас и мојата пријателка го критикувавме секој дел од нејзиниот живот, а немавме право да го правиме тоа. И нашите мислења за неа ги базиравме на шпекулации, а не на факти. Се чувствував толку лошо поради тоа, па ја повикав мојата пријателка. Сакав некако да се искупиме за нашето однесување и сакав таа да се покае со мене.
-Се чувствувам навистина лошо што зборував за неа на вечерата. Мразам да осудувам, а бевме судија и порота претходната вечер. Нели сме премногу стари за ова? – ѝ се пожалив.

-Зборувам за жени само ако сум им љубоморна или ако се луди, а таа спаѓа во двете категории. Како би можеле да не зборуваме за неа? – одговори мојата пријателка.

Тоа е тоа, нели? Зборуваме за жени само ако им завидуваме или ако ги сметаме за погрешни на некој начин, т.е. луди. Нели токму ова што го правевме како мали девојчиња?

Како мајка на ќерка, се згрчувам од помислата дека други девојчиња зборуваат за неа на начинот на кој јас зборував за другите. Да можев да се вратам во времето, дури и минатата недела, би сакала брзо да си удрам клоца сама на себе. Но, не сум сама. Не сум единствената жена чии уши се креваат при првото навестување за озборување.

Не сум единствената мајка која чувствува љубомора кон другите мајки. Не сум единствената личност што испраќа СМС-пораки прашувајќи за нечиј развод, банкрот или лоша среќа.

Го слушам тоа секојдневно од моите пријатели и познајници. Наместо да се поддржуваме една со друга, честопати се понижуваме со зајадливи забелешки и озборувања.

Се обидувам да си простам за моментите кога сум била виновна за вакво ситно и детско однесување. Мојата желба да ја држам мојата уста затворена во иднина, па мојата грижа на совеста и извинувањата кон оние на кои сум им згрешила мора да значат нешто, нели?

Но, има и такви жени кои уживаат во деструктивно брборење. Има и такви жени кои не чувствуваат каење за запалени огнови и запалени мостови. Тоа се жените што навистина ме плашат.

Автор: Сузана Б. Луис

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top