Здравје

Инфективни болести на дигестивниот систем кај децата

Инфективните болести на дигестивниот систем, како дијареја, гастроентеритис и гастроентероколитис, се многу чести во детската возраст. Иако термините се различни, станува збор за слични состојби што се јавуваат кога вируси, бактерии или поретко паразити го зафаќаат дигестивниот тракт. Инфективниот гастроентеритис означува воспаление на стомакот и тенкото црево, додека во гастроентероколитисот е вклучено и дебелото црево. Без разлика на терминот, симптомите често се преклопуваат: детето може да има дијареја, повраќање, болки во стомакот, покачена температура и општа слабост.

Најчести предизвикувачи се вируси, особено ротавирус и норовирус, кои многу лесно се шират меѓу децата, особено во колективи како градинки и училишта.

Како изгледа текот на болеста?

Болеста обично започнува нагло. Детето може да стане раздразливо, да се жали на болки во стомакот, да одбива храна и често да повраќа, со сè повеќе воденести и чести столици. Иако симптомите можат да изгледаат драматично, поголемиот дел од децата закрепнуваат во рок од неколку дена.

Најважно е да се спречи дехидрирање бидејќи децата побрзо губат течности од возрасните. Затоа е клучно да им се нудат доволно течности, најдобро во форма на орални раствори за рехидрација кои ги надоместуваат и електролитите.

Храната не треба да се прекинува; се препорачува продолжување со лесни, вообичаени оброци кога детето може да ги поднесе. Треба да се избегнуваат многу слатки пијалаци, како и газирани пијалаци и помрсна храна која може дополнително да го иритира цревото. Пробиотиците можат да помогнат за брзо закрепнување на цревната флора, особено ако детето почне да ги користи веднаш по појавата на симптомите. Инфекциите на дигестивниот тракт се самоограничувачки болести во повеќето случаи, а антибиотици се даваат само во исклучителни ситуации, за одредени бактериски предизвикувачи.

Што е поствирусен синдром?

Она што често ги збунува родителите е тоа што симптомите не исчезнуваат веднаш штом престане повраќањето или штом столиците почнат да се нормализираат. Кај многу деца се јавува период што го нарекуваме поствирусен синдром. Тоа е сосема вообичаена фаза на закрепнување. За време на инфекцијата цревата биле иритирани, слузницата оштетена, а цревната флора нарушена, поради што е потребно време сè да се врати во рамнотежа. Во тој период детето може да има повремени полумеки столици, надуеност, грчеви, чувствителен стомак или намален апетит.

Некои деца привремено полошо ја толерираат лактозата, па млекото и млечните производи може да предизвикаат непријатност. Тоа не е знак на нова болест, туку нормален дел од заздравувањето. Овие симптоми обично траат од неколку дена до неколку недели и постепено се намалуваат.

Во оваа фаза родителите можат да помогнат така што ќе им нудат на децата лесна, разновидна исхрана, ќе ги избегнуваат намирниците што им пречат и по потреба ќе користат производи со помалку лактоза. Важно е детето да одмара, но и да се поттикнува лесна активност кога се чувствува подобро бидејќи враќањето на рутината позитивно влијае врз закрепнувањето.

Иако поголемиот дел од гастроентеритисите и поствирусните симптоми се безопасни и минливи, постојат ситуации кога е важно да се побара лекарски совет. Тоа вклучува случаи кога детето одбива да пие течности, мокри значително помалку од вообичаено, поспано е или необично мирно, кога во столицата ќе се појави крв или кога симптомите не се намалуваат, а дијарејата трае повеќе од 2 недели. Навремената процена помага да се разликува вообичаениот тек на болеста од ситуации кои бараат дополнително внимание.

Овие инфекции можат да бидат исцрпувачки за детето и стресни за родителите, но со правилна нега и следење, децата целосно оздравуваат. Поствирусниот синдром е само привремена фаза на закрепнување, а не знак дека болеста се враќа или преминува во нешто посериозно. Трпение, правилна хидратација и лесна исхрана се најважни сојузници во овој период.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top