Иако е факт дека кога постарото дете се грижи за своите помали браќа и сестри, на родителите им обезбедува малку повеќе слободно време, но тоа не секогаш е добро решение и може да доведе до одредени негативни последици.
Во продолжение прочитајте неколку причини зошто постарите деца не би требало да ги чуваат помладите браќа и сестри иако, секако, многу зависи од возраста на децата, нивниот карактер и околностите.
Им се наметнува преголема одговорност
Секако, преземањето одредена одговорност нема да им наштети на постарите деца, но постои голема разлика меѓу тоа тинејџерот да внимава на помалите додека родителите се на вечера или завршуваат кратка обврска, или да се грижи за нив со часови, без надзор, и така секојдневно.
Ако детето се согласува, тогаш нема проблем. Но, многу често постарото дете нема избор, па едноставната задача на чување браќа и сестри се претвора во несакан товар. Затоа е важно да се „повлече линија“ и јасно да се одреди во која мера и на кој начин постарото дете треба да помага, за тоа да остане дете, а не да се однесува како втор родител.
Исто така, не смее да се заборави дека без разлика колку зрело изгледаат, тие сè уште се деца и не се подготвени да преземат голема одговорност. Не можат да се справат со сите ситуации, а доколку се случи незгода, чувството на вина може тешко да им падне и да остане со нив долго време.

Немаат доволно знаење и искуство
Постарите деца понекогаш се одличен извор на помош во домот, често и бесплатен – особено ако родителите не можат да си дозволат дадилка. Но, токму затоа што тие не се професионалци, од нив не може да се очекува исто ниво на посветеност и стручност.
Бидејќи и тие се деца, често немаат доволно знаење како правилно да сменат пелена, како да нахранат новороденче или како да реагираат на испади на бес. Иако нивната помош понекогаш е неизбежна, важно е задачите што им се доверуваат да бидат соодветни на нивната возраст и способности.
Помагање во домот, читање приказни на браќата и сестрите, играње со нив и слични едноставни активности најчесто се добар почеток, а за многумина и крајна граница, секако, во зависност од возраста на постарото дете.
Го жртвуваат правото на детство, игра и забава
Ако детето е единец, по завршувањето на редовните обврски – пишување домашна задача, средување на собата и помош во домот, може да излезе надвор, да си игра со пријателите, да гледа филм или да поминува време со миленикот.
Но, децата што имаат помали браќа и сестри понекогаш немаат време за себе. Тие се секогаш првите на кои им се обраќаат кога треба да се внимава на помалото дете, кога му треба помош или кога треба некој да си игра со него. Така, родителите често (несвесно) ги наведуваат постарите деца да се откажат од своите вообичаени детски или тинејџерски активности.
Иако е добро да научат да менуваат пелени или да се грижат за помалите, тие мора да имаат и свое слободно време за игра, забава, ново хоби, читање или што и да посакаат.
Може да се наруши односот меѓу браќата и сестрите
Присилувањето на постарото дете редовно да се грижи за помалите може да предизвика проблеми во нивниот однос. Можно е тие да почнат да ги доживуваат помалите како причина за стресот што го чувствуваат, што може да доведе до негативни емоции и нарушени односи во иднина.
Дополнително, кога остануваат сами, постарите деца мора да имаат авторитетна улога, која помладите често не ја прифаќаат и не ја почитуваат. Тоа лесно може да доведе до конфликти и кавги.
Едноставно тоа не е нивна работа
Родителите често очекуваат постарите деца бесплатно да ги чуваат помалите, верувајќи дека тоа е дел од нивните обврски. Но, повеќето тинејџери не се согласуваат со тоа.
Ако повремено ги замолувате да внимаваат на помалите, чоколадо или дозвола за излегување со пријателите можеби ќе биде доволно. Но, ако тоа се случува редовно, секој или секој втор ден, важно е да добијат одреден „надомест“ за тоа.
Ако децата се доволно возрасни, можеби ќе посакаат нова облека, часовник или, пак, да го позајмат автомобилот следниот пат кога ќе одат кај пријатели. Најважно е да им понудите нешто за возврат за да не се чувствуваат искористени.