Дали сте еден од оние родители што постојано се обидуваат да најдат рамнотежа помеѓу времето посветено на детето и времето за себе?
Многу родители чувствуваат вина ако не успеат да поминат доволно време „еден на еден“ со детето играјќи со него, помагајќи околу домашните задачи или слушајќи ги неговите грижи.
Иако заедничкото време е навистина важно за здравиот развој, самостојната игра има исто толку значајна улога. За детето е корисно уште од рана возраст да научи да си игра само. Еве неколку клучни придобивки од самостојната игра.
Поттикнува развој на фантазијата и креативноста
Детето е покреативно кога нема возрасен што постојано го насочува и му кажува што и како треба да прави. Во такви моменти нема потреба да се придржува до правила или да ја објаснува својата игра. Тоа му овозможува слободно да се опушти и да ја следи сопствената имагинација.
Му обезбедува време за мир и тишина
Телевизорите, компјутерите, мобилните телефони и другите електронски уреди ретко му дозволуваат на детскиот мозок вистински да се смири. Самостојната игра, како што се коцките, цртањето или сложувалките, му овозможува мир, а понекогаш дејствува и како мала медитација по напорен ден.

Развива упорност и вештини за решавање проблеми
Кога нема возрасен што веднаш ќе помогне или ќе понуди решение, детето учи самостојно да експериментира и да ги решава проблемите на свој начин. На тој начин се зголемува и неговата упорност – продолжува да се обидува сè додека не најде решение.
Го учи на трпеливост и издржливост
Детето постепено учи дека родителите не можат секогаш да бидат достапни. Кога знае да си игра само, ќе научи да почека, а со тоа ќе развие трпеливост и самодоверба, што ќе му помогне многу работи да ги завршува самостојно.
Совет плус за родителите
- Објаснете му на детето зошто е добро да си игра само и дека тоа не е казна;
- За почеток, одредете кратко време за самостојна игра, приспособено на возраста.
- Наместете часовник и покажете му кога е време да престане и да ви покаже што нацртало или изработило;
- Поставете јасни граници со што смее да си игра, а што не треба да допира.