Социјалната анксиозност кај деца претставува интензивен и постојан страв од осудување, одбивање, исмевање, викање и непријатности во социјални ситуации. Тоа е вид парализирачка вознемиреност која го спречува детето да учествува, да се изрази или да се поврзе со средината.
Првите знаци на социјална анксиозност може да се појават уште во предучилишна возраст. Тие се најчесто придружени со силна вознемиреност при одвојување од родителите, избегнување непознати лица, плачење и отпор при нови ситуации, детето одбива контакт со врсници, постојано е скриено зад родителот, во играта често избира познати и контролирани ситуации, појавува соматика, повраќање или болки во стомакот. Социјалната анксиозност често е дефинирана помеѓу луѓето како срам, но она што ја разликува од постојниот и типичен развоен срам е интензитетот на стравот, се разликува и според тоа дали го попречува функционирањето, според мислите што стојат зад однесувањето, според траењето на симптомите, според телесните реакции, според однесувањето со врсници во игра или возрасни.
Во тој случај, важно е да родителите се повикаат на психолог, психијатар доколку однесувањето е придружено со селективно молчење, или зборување кое е многу тивко, кратко и со товар и напнатост, ако постојано се има тенденција на избегнување врсници, детето не иницира игра и се држи до возрасен, ако се жали на соматски болки во стомак, треперење, забрзано чукање на срцето, ако симптомите на срамежливост се зголемуваат при секоја социјална ситуација, ако стравот понекогаш е паничен.
Кај предучилишните деца оваа состојба се третира со арт и плеј терапија, кај училишните деца се користи најчесто когнитивно-бихевиорална психотерапија. Оваа психолошка состојба бара и семејно системски пристап во санирање на симптомот на семејството кој најчесто се имплементира во децата. Неопходно е и родителско советување со цел утврдување на воспитните стилови кои носат ваква проблематика и транзиција кон нови вештини и воспитни стилови.
Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца