Воспитување

Работи што не треба да ги очекувате од двегодишно дете

Понекогаш буквално може да ве изнервира и да ве натера да си ја кубете косата. А има само две години. Но, всушност, кога ќе застанете, ќе земете здив и ќе размислите со ладна глава, сфаќате дека на некој начин очекувате премногу од ова суштество кое е на овој свет само две години.

Да, сето ова се фази, вклучувајќи ја и фазата низ која поминува детето на двегодишна возраст, која толку добро ја опишале како „страшните две“. Децата се однесуваат различно во одредени развојни фази, а одреден пресек на „симптоми“ е ист за сите. Еве некои работи што не треба да ги очекуваме од нашите двегодишни деца – и што можеме да направиме наместо тоа.

Престанете да очекувате две годишните деца да делат

Споделувањето не им доаѓа природно на децата. Според неодамнешна студија, иако децата можат да ги научат основите на споделувањето на тригодишна возраст, дури кога ќе наполнат околу седум години целосно го разбираат концептот на споделување. Дури и на тригодишна возраст децата тешко го сфаќаат концептот на сопственост. Тие не разбираат дека она што го имаат е нивно и дека кога ќе дадат нешто, тоа ќе им се врати.

Што можете да направите наместо тоа

Наместо да го принудувате вашето дете да дели, дозволете му да ве види вас како делите работи. Споделувајте книги со вашиот партнер, споделувајте колачиња со вашите деца, научете го вашето дете да дели така што ќе бидете пример за него.

Престанете да очекувате да нема напади на бес

Причината зошто нападите на бес се вообичаени на двегодишна возраст е тоа што малите деца сè уште не знаат зборови за да изразат што чувствуваат. Малите деца честопати не се во состојба да разликуваат различни силни емоции и затоа реагираат на единствениот начин што го знаат, а тоа е со претерано реагирање и исфрлање на бесот.

Што можете да направите наместо тоа

Една од најлошите работи што можете да ги направите кога се справувате со напади на бес е да бидете недоследни. Друга е да попуштите. Кога попуштаме, ги учиме нашите деца дека исфрлањето на бесот ќе им го донесе она што го сакаат. Сепак, нападите на бес можат да укажуваат и на неспособноста на детето да ги вербализира емоциите, па затоа е важно да знаете кога да ги игнорирате (ако детето не се доведува себеси или другите во опасност) и кога да го држите вашето дете блиску за да му покажете дека е безбедно. Имајте на ум дека на оваа возраст вашето дете ќе почне да експериментира со независност. Никогаш не е прерано да го запознаете вашето дете со различни емоции и механизмите за справување што може да ги користи. Кога детето знае дека прегратката ќе му помогне да се смири, поголема е веројатноста да дојде по таа прегратка наместо да се налути. Ако можете, избегнувајте ситуации што ќе предизвикаат напади на бес.

Престанете да очекувате да биде трпеливо

Способноста на детето да го одложи задоволството покажува колку би можело да биде успешно подоцна во животот. Проблемот е што двегодишните деца „сакаат сè и го сакаат тоа сега“. Иако децата (од околу петгодишна возраст) можат да се научат на техники на одвлекување на вниманието за да се помогне во контролата на однесувањето, овие техники едноставно не функционираат со мали деца.

Што можете да направите наместо тоа

Кога децата мора да чекаат предолго, тие сигурно ќе се вознемират и фрустрираат, затоа не дозволувајте им да чекаат подолго од потребното. На оваа возраст детето има краток распон на внимание, па затоа можете да се обидете да им го одвлечете вниманието со тоа што ќе предложите алтернатива што им се допаѓа.

Престанете да очекувате да сака да си игра со други деца

На двегодишна возраст децата ретко играат со други деца – тие играат покрај други деца. Паралелната игра се појавува околу оваа возраст, а детето всушност игра покрај други деца, без да се обидува да комуницира и да контактира со други деца.

Што можете да направите наместо тоа

Секое дете поминува низ паралелна игра пред да почне да практикува социјална игра, затоа не принудувајте го вашето дете да си игра со други деца, особено ако мислите дека му е удобно да игра само. Запомнете дека на двегодишна возраст детето сè уште е ориентирано кон мајката. Но, иако децата можеби не си играат заедно, гледајќи се меѓусебно и приспособувајќи го своето однесување, тие учат важни социјални вештини.

Престанете да очекувате од себеси секогаш да го „спасувате“ вашето двегодишно дете

Постои честа заблуда дека двегодишните деца се беспомошни, но токму на оваа возраст тие почнуваат да експериментираат со независноста. На двегодишна возраст, децата исто така почнуваат да ги имитираат своите родители. Децата добиваат самодоверба кога им е дозволено сами да прават работи.

Што можете да направите наместо тоа

Запомнете дека децата на оваа возраст сакаат да ги имитираат своите родители, затоа дозволете му на вашето дете да ви помогне со задачи соодветни на возраста. Дури и на двегодишна возраст децата можат да учествуваат во едноставни домашни работи. Дајте му да ја фрли пелената, замолете го да ги собере играчките, замолете го да ја стави облеката во корпата за перење и така натаму. Ќе бидете изненадени колку многу може да направи вашето двегодишно дете ако ги има вистинските алатки и вистинската средина.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top