Британката Анет Келоу била осми месец бремена кога постара колешка од работа ѝ ставила тенка книга со избледена корица во рацете. Насловот бил „Мадеркрафт“. „Ќе ти треба“, ѝ рекла таа, со кратка забелешка дека стариот начин е често најдобриот.
Тоа е прирачник за родители напишан во 1950 година од бабицата Мери Мартин. Иако е стар повеќе од седум децении, „Мадеркрафт“ се залага за дисциплиниран, рационален и ниту малку сентиментален пристап кон родителството, со јасна цел – да се одгледуваат независни, стабилни и добро воспитани деца.
Во време кога Анет се соочувала со лавина од модерни совети за родители, книгата, како што самата истакнува, ѝ се чинела речиси ослободувачка.
Уморна од модерните трендови во родителството
Во текот на бременоста Анет, како и многу идни мајки, била изложена на постојан прилив на информации од интернет и социјалните мрежи. Таа била особено збунета од доминацијата на таканареченото „нежно родителство“, кое силно се промовира како единствен правилен модел на воспитување. Според овој пристап, детето постојано се носи и се успива в раце, а секое проблематично однесување се оправдува со „големи емоции“. Анет верува дека таков модел често ги води родителите до исцрпеност и несигурност, а ги лишува децата од важното искуство со поставување граници.
Спротивно на тоа, „Мадеркрафт“ експлицитно наведува дека децата треба да бидат радост, а не емоционален и логистички товар, што Анет го доживеала како ретко разумен глас.
Сон, воздух и рана независност
Едно од првите правила што таа одлучила да ги спроведе било да го охрабри детето да спие само – и тоа на отворено. Практиката, која книгата ја нарекува „капење во воздух“, се базира на верувањето дека свежиот воздух го зајакнува имунолошкиот систем и промовира подобар сон.
Иако во Британија во 50-тите било вообичаено количката да се остава надвор од домот, Анет, која живеела во центарот на Лондон, нашла компромис и го оставила својот син Феликс да спие во малиот двор.
За разлика од денешните трендови кои го величаат гушкањето со часови, Анет практикувала постепено заспивање без да го станува детето од креветчето уште од самиот почеток. По само две недели, истакнала таа, нејзиниот син спиел редовно и дење и ноќе.
Пелени, играчки и вредноста на досадата
Друга практика што ги изненадува современите родители е многу раното учење за извршување нужда. Следејќи ги упатствата во книгата, Анет го држела своето дете над тоалетот во првите неколку месеци по хранењето, за да развие свест за оваа телесна функција. И покрај многубројните незгоди, нејзиниот син бил целосно одвикнат од пелени на возраст од една и пол година.
Кога станува збор за играчки и забава, „Мадеркрафт“ зазема јасен став: на децата не им требаат скапи предмети, туку простор за имагинација. Анет свесно дозволила на нејзиниот син да му биде здодевно, убедена дека токму од досадата произлегуваат креативноста и независната игра.
Екрани и современо родителско уживање
Иако напишан во време без екрани, прирачникот предупредува на опасноста од мешање на родителската грижа со разгалување. Анет го применила овој принцип многу доследно. Нејзиниот син ретко и селективно гледа телевизија, претежно образовна содржина, додека платформите како „Јутјуб“ и „Тик-ток“ се строго ограничени.
Анет отворено ги критикува современите практики на родителство во кои на децата им се даваат таблети и мобилни телефони за да се избегне непријатност или конфликт. Според неа, ова не е сочувство, туку откажување од родителската улога.
Детето како дел од семејството, а не како центар на универзумот
Една од фундаменталните идеи на „Мадеркрафт“ е дека детето се вклопува во семејниот живот, а не дека животот е целосно подреден на детето. Анет го разбрала ова многу конкретно: нејзиниот син учествува во поставувањето на масата, помага со домашните работи, сам нарачува во рестораните и учи како учтиво да комуницира со возрасните.
Таквиот пристап, верува таа, не го одзема детството, туку го зајакнува.
Книгата, исто така, ја нагласува улогата на татковците, залагајќи се за еднаква распределба на одговорностите и емоционално присуство на двајцата родители, со што го крши стереотипот за пасивни татковци од 50-тите.
Авторитативно родителство како противтежа на хаосот
Моделот што Анет го практикува денес би се дефинирал како авторитативно родителство – јасно поставени граници со топлина и доследност. Според многу студии, токму овој стил на родителство е поврзан со подобри образовни резултати, емоционална стабилност и самодоверба кај децата.
Враќање кон вредностите, без носталгија
Анет Келоу не тврди дека 50-тите биле идеална ера, ниту дека сите совети од „Мадеркрафт“ треба да се применуваат некритички денес. Но, таа е убедена дека јасноста, структурата и очекувањата што ги промовира прирачникот се вредности што сериозно недостигаат во модерното родителство.
Ако некои луѓе мислат дека е старомодна поради ова, тоа не ја загрижува. Како што истакнува таа, родителството никогаш не доаѓа со никакви гаранции. Но, таа верува дека детето што расте со јасни морални упатства, дури и ако подоцна отстапи од нив, има поголеми шанси да се врати на разумот, одговорноста и внатрешната сила.
Во свет каде што границите сè повеќе се сметаат за насилство, Анет верува дека тие се, парадоксално, една од најдоследните форми на љубов.