Според ново истражување, дури осум од десет деца во основно училиште доживуваат анксиозност пред спиење. Истражувањето покажува дека многу деца се загрижени и се плашат да одат на спиење. Експертите за сон откриле дека речиси една четвртина од децата се плашат од темнината, едно од пет деца има ноќни кошмари, а ист број се плашат да спијат сами.
Загриженоста околу училишните обврски влијае врз околу 14 отсто од децата. На помалите деца им се препорачува да спијат 10 часа ноќе, но речиси половина спијат само седум до осум часа, а се будат во просек околу два пати секоја ноќ.

Јасно е дека не се само возрасните тие што се борат со сонот. Исто така, истражувањето укажува на многу причини за анксиозност кај децата кои можат негативно да влијаат врз нивниот сон.
– Анксиозноста вклучува премногу размислување, грижи, страв од темнината и загриженост околу училиштето. Таа често се јавува пред спиење, кога денот завршува и нема што да им ја одвлече мислата. Не станува збор само за тоа колку спијат, туку и за квалитетот на сонот. На децата им е потребна комбинација од сите видови сон за да добијат добар одмор – велат експертите кои учествувале во истражувањето.
Експертот за сон Натали Коста истакнува дека е важно децата да имаат пријатна средина за спиење, посебна перница или ќебе, или ламба која ја осветлува просторијата. Детето треба да биде опуштено пред спиење, а грижите може да ги надмине со водење дневник или цртање.
Коста додава дека е многу важно да се научи детето да дише длабоко и полека, преку стомакот бавно да вдишува низ носот и полека да издишува низ устата. Според неа, ова е неопходно за телото пред ноќниот одмор.