Здравје

Расипување на забите во бременоста затоа што бебето го зема калциумот – вистина или мит?

Бременоста носи многу промени во телото на жената, но и многу митови. Еден од најчестите е митот дека во бременоста забите се расипуваат затоа што бебето го зема калциумот од забите на мајката.

Дали тоа е вистина или станува збор за стара народна приказна?

Мит: „Бебето го зема калциумот од забите на мајката“

Ова тврдење не е точно. Бебето го добива потребниот калциум од исхраната и крвотокот на мајката, а не од забите. Забите се изградени од минерали кои не можат повторно да се „повлечат“ во крвотокот, па калциумот не се губи од нив. Значи, бебето не може да „земе“ калциум од забите на мајката.

Вистина: Бременоста може да го зголеми ризикот од проблеми со забите

Иако самата бременост не предизвикува расипување на забите, хормоналните промени можат да го зголемат ризикот од настанување стоматолошки проблеми, особено ако не се одржува добра орална хигиена.

Еве неколку причини зошто се случува тоа:

Хормонални промени

Зголеменото ниво на естроген и прогестерон може да предизвика зголемена чувствителност и воспаление на непцата. Непцата можат да станат отечени, црвени и да крвават при четкање, што го отежнува темелното чистење на забите.

Мачнина и повраќање

Желудочната киселина може да ја оштети забната глеѓ. Ако повраќањето често се повторува, површината на забите станува почувствителна и поподложна на кариес. Важно е да не се четкаат забите веднаш по повраќање, туку најпрво да се исплакне устата со вода или со раствор од сода бикарбона.

Промени во навиките во исхраната

Бремените жени често имаат зголемена желба за слатки или кисели намирници, а почестите оброци значат и почесто изложување на забите на киселини и шеќери. Доколку оралната хигиена не е редовна, се зголемува ризикот од појава на кариес.

Замор и промени во рутината

За време на бременоста понекогаш се занемаруваат секојдневните навики, вклучително и миењето заби пред спиење. Тоа им овозможува на бактериите подолго да дејствуваат на забната површина во текот на ноќта.

Како да ги заштитите забите за време на бременоста?

  • Мијте ги забите двапати дневно со паста што содржи флуор;
  • Користете забен конец и антисептичка течност за плакнење (без алкохол);
  • Ако повраќате, исплакнете ја устата пред да ги миете забите;
  • Хранете се разновидно: млечни производи, зелен зеленчук и јаткасти плодови богати со калциум;
  • Посетете стоматолог барем еднаш за време на бременоста, идеално во вториот триместар.

Стоматолошки интервенции во бременост

Повеќето стоматолошки прегледи и помали интервенции (поправка на кариес, чистење забен камен, лекување воспаление на непцата) се безбедни за време на бременоста, особено помеѓу 4. и 6. месец. Рендгенските снимки по правило се избегнуваат и се прават само ако се неопходни, со заштита со оловна престилка.

Бременоста не мора да значи расипување на забите, но бара поголема грижа за оралното здравје. Редовните прегледи, правилната хигиена и балансираната исхрана се најдобриот начин и мајката и бебето да имаат здравa насмевка.

Забите не се расипуваат поради бременоста, туку поради занемарена нега во овој чувствителен период.

Извор

Поврзани написи

To top