Здравје

Ново истражување го открива влијанието на флуорот врз когнитивните резултати на децата

Дали флуорот во водата навистина е нешто од кое треба да се плашиме?
Најновата научна анализа посочува дека можеби вреди да се размисли двапати.

Новите истражувања ги побиваат неодамнешните тврдења дека флуорот во водата е опасен за децата. Освен што ги штити забите од кариес, се чини дека би можел да има и позитивно влијание врз резултатите на когнитивните тестови.

Уште во 2024 година американската Национална програма за токсикологија објави извештај во кој заклучи дека повисокото ниво на флуор е поврзано со понизок коефициент на интелигенција кај децата. Тоа тврдење подигна голема прашина, но постои еден проблем: повеќето истражувања на кои се базирал извештајот ги анализирале земјите каде што дозволените нивоа на флуор се неспоредливо повисоки отколку во САД.

Со други зборови, извештајот не ги испитувал ефектите на она ниво на флуор кое во САД се препорачува и се смета за безбедно – 0,7 мг по литар вода.

Новото истражување објавено во „Сајнс адвансес“ кое се фокусира токму на тие препорачани, ниски нивоа на флуор открило силни докази дека децата изложени на овие нивоа постигнуваат подобри резултати на когнитивни тестови отколку децата што не се изложени.

Споредувајќи податоци за речиси 27 илјади луѓе, тимот на Ворен открил дека децата кои во детството пиеле вода со флуор имале повисоки резултати на тестовите во средно училиште од децата што не биле изложени на флуор. Разликата била уште поголема кај оние што примале флуор во текот на целото детство.

Тие ги проучиле и постарите учесници, на возраст 60+, но не откриле никаква поврзаност меѓу флуорот и когнитивното опаѓање.

Што всушност е флуорот?

Флуорот е природен минерал што се наоѓа во почвата, водата, растенијата и во многу намирници. Првата американска заедница што го додала во водата била Гранд Рапидс, Мичиген, уште во 1945 година, со цел да се намали кариесот.
По 10 години, кај децата биле забележани дури 60 отсто помалку случаи на кариес.

Оваа година беше објавена процена дека отстранувањето на флуорот од американската јавна водоводна мрежа за само пет години би довело до 25 милиони дополнителни расипани заби кај деца и млади, и речиси 10 милијарди долари дополнителни здравствени трошоци.

Иако ова ново истражување не го проучувало здравјето на забите, експертите потсетуваат: кариесот и болката во забот можат да им ја отежнат концентрацијата кај децата, па дури и да предизвикаат изостаноци од училиште, што може многу да влијае врз резултатите од тестовите.

Извор

Поврзани написи

To top