Игротека

Митови за аутизмот во кои родителите не треба да веруваат

И денес постојат многу заблуди и погрешни верувања за аутизмот, особено кај родителите што се обидуваат да го разберат светот на своето дете.

Советите од интернет, полуинформациите и приказните од трета рака често предизвикуваат страв и чувство на вина. Затоа е важно отворено да се зборува за аутизмот врз основа на факти бидејќи секое дете заслужува љубов, поддршка и можност да расте во свој ритам.

Ова се најчестите митови:

Мит 1: Аутизмот настанува поради лошо родителство

Ова е можеби најтешкиот и најболниот мит. Порано се верувало дека „ладните мајки“ се виновни за аутизмот – нешто што науката одамна го отфрлила.

Вистината – Аутизмот не е последица на воспитување, туку начин на кој е развиен мозокот на детето. Тоа не е ничија вина. Децата со аутизам, како и сите други, имаат потреба од разбирање, трпение и топлина.

Мит 2: Вакцините предизвикуваат аутизам

Иако науката одамна го отфрли овој мит, тој сè уште кружи меѓу родителите. Паниката започнала по едно одамна дискредитирано истражување, кое никогаш не било вистинито.

Вистината – Вакцините не предизвикуваат аутизам. Десетици научни истражувања низ светот докажале дека се безбедни и неопходни за заштита на децата од сериозни болести.

Мит 3: Аутизмот е болест што може да се излекува

Многумина и денес мислат дека аутизмот е нешто што треба да се излекува. Тоа е погрешен пристап што создава дополнителен притисок врз родителите.

Вистината – Аутизмот не е болест, туку различен начин на размислување и доживување на светот. Децата со аутизам не треба да се менуваат, туку да бидат прифатени такви какви што се. Со поддршка можат да учат, да работат и да ги исполнат своите соништа.

Мит 3: Сите деца со аутизам се исти

Често може да се слушне: „Знам едно дете со аутизам, сите се такви.“ Тоа е погрешно.

Вистината – Аутизмот е спектар, што значи дека секое дете има свои особености, таленти и предизвици. Некои имаат поблаги форми, други бараат повеќе поддршка, но секое дете има свој уникатен начин да заблеска.

Мит 5: Аутизмот ги погодува само момчињата

Иако почесто се дијагностицира кај момчиња, и девојчињата можат да имаат аутизам, само што кај нив потешко се препознава.

Вистината – Девојчињата често учат да ги прикриваат своите проблеми, па дијагнозата доаѓа подоцна. Денес експертите подобро ги препознаваат разликите во симптомите и помагаат и девојчињата да добијат навремена поддршка.

Мит 6: Децата со аутизам не чувствуваат емоции

Оваа заблуда е особено болна за родителите. Некои мислат дека децата со аутизам не покажуваат љубов или не разбираат туѓи чувства.

Вистината – Децата со аутизам длабоко чувствуваат, само што ги изразуваат емоциите на поинаков начин. Понекогаш не знаат како да ги покажат, но тоа не значи дека не ги чувствуваат. Погледот, тишината или еден допир често зборуваат повеќе од зборови.

Мит 7: Лековите што се земаат во текот на бременоста предизвикуваат аутизам

На интернет често се појавуваат приказни дека лекови, витамини или вакцини во бременоста можат да доведат до аутизам.

Вистината – Нема научни докази за тоа. Лековите што ги препишува лекарот во бременоста не предизвикуваат аутизам. Секогаш треба да се советувате со гинеколог.

Извор

Поврзани написи

To top