Игротека

Што е важно да знаете за папокот на новороденчето?

Негата на папокот кај новороденче е една од првите задачи со кои се среќаваат родителите по раѓањето на бебето. Иако на прв поглед изгледа едноставно, правилната нега на овој дел од телото има клучна улога во спречување инфекции и препознавање други потенцијални проблеми.

Папокот е дел од папочната врвца кој се суши и отпаѓа во првите денови од животот, обично меѓу петтиот и петнаесеттиот ден. Во тој период родителите треба да внимавaат областа околу папокот да остане сува, чиста и неиритирана.

Во најголемиот дел од случаите, остатокот од папочната врвца отпаѓа без компликации, а областа заздравува нормално. Понекогаш можат да се појават проблеми кои бараат дополнително внимание. Една од потенцијално сериозните компликации е омфалитис – инфекција на папокот, која се манифестира со црвенило, оток, гноен исцедок и непријатен мирис. Оваа состојба бара итна лекарска интервенција бидејќи инфекцијата може брзо да се прошири.

Лесното крвавење при отпаѓање на остатокот од папокот најчесто не е причина за загриженост, но ако крвавењето се повторува или е обилно, се препорачува преглед кај педијатар.

По отпаѓањето на остатокот од папокот, кај некои новороденчиња може да се развие гранулом на папокот. Станува збор за мек, розов израсток кој не заздравува сам. Во такви случаи, педијатар може да примени процедура наречена лапизација (третман со сребрен нитрат) кој поттикнува сушење на грануломот и заздравување на кожата. Процедурата е безболна и обично е брза и ефикасна.

Исто така, папокот може да биде место каде што се манифестираат ретки развојни аномалии. Една од нив е вителинскиот канал, кој во ембрионалниот развој ги поврзува цревата со папокот. Ако остане по раѓањето, може да предизвика исцедок, па дури и присуство на столица. Слично, урахусот е канал кој го поврзува мочниот меур со папокот. Неговата перзистенција може да доведе до истекување на урина од папокот. Овие состојби најчесто бараат хируршка интервенција.

Естетската варијација „кожен папок“ се манифестира со вишок кожа на папокот и најчесто не претставува здравствен проблем, но понекогаш се коригира поради естетика. Понекогаш се јавува и папочна хернија – меко испакнување на кожата, кое најчесто се повлекува само до првата година од животот.

Важно е да знаете дека секој исцедок, црвенило, необичен мирис или израсток на попокот треба внимателно да се следи и по потреба да се консултира педијатар. Навремено препознавање на проблемот и соодветен одговор се клучни за спречување сериозни компликации.

На крај, негата на папокот е едноставна, но внимателна рутина која му помага на детето да започне живот без компликации. Ако имате какви било сомнежи, подобро е да се консултирате со педијатар отколку да ризикувате.

Извор

Поврзани написи

To top