Родителството е полно со предизвици, а уште повеќе го отежнуваат митовите и застарените верувања што сè уште се пренесуваат во општеството. Детскиот психолог, мајка и едукатор за родители Џејми Блох предупредува за нив во објава на „Инстаграм“. Таа истакнува дека родителите често, и несвесно, веруваат во идеи што всушност можат да му наштетат на нивниот однос со своите деца и да го попречат нивниот емоционален развој.
Блох објаснува дека ваквите верувања можат да ги спречат децата да развијат емоционална отпорност, самодоверба и здрави модели на однесување. Таа нагласува дека е клучно да се разбере оти секогаш постои подлабока потреба зад емоциите и однесувањето на децата и дека родителите имаат важна улога во нивното препознавање и насочување. Затоа, таа ги предупреди родителите да престанат да веруваат во следните митови:
Зборувањето за чувствата ги прави децата слаби
-Помагањето на децата да ги именуваат своите чувства гради отпорност, го намалува ризикот од депресија и ја поддржува емоционалната регулација – истакнува Блох.
Децата ќе ги надминат големите чувства сами
Психологот објаснува дека на децата им е потребна корегулација и емоционално водство за да развијат здрави стратегии за справување.
Бесот значи дека детето е непослушно и лошо воспитано
-Бесот е преоптоварување на нервниот систем, а не манипулација. Тоа е знак дека на детето му е потребна поддршка, а не казна – тврди психологот.
Момчињата не треба да плачат
-Сите деца плачат – вели Блох.
Таа додава дека потиснувањето на емоциите е поврзано со поголем стрес, лоши врски и поголем ризик од проблеми со менталното здравје подоцна во животот.
Децата треба постојано да се фалат за да стекнат самодоверба
Науката покажува дека прекумерната пофалба може да има спротивен ефект. Фокусот треба да биде на напорот, решавањето проблеми и упорноста, а не само на резултатот – забележува психологот.
Децата треба постојано да бидат среќни
Непријатните емоции се нормални и здрави. Децата што го доживуваат целиот спектар на чувства развиваат подобра емоционална писменост.

Тајмаутот е најдобриот метод за родителство
-Истражувањата покажуваат дека „тајмин“ методите (останување блиску и помагање на децата да се регулираат) се поефикасни за долгорочна промена на однесувањето – вели Блох.
Некои деца едноставно се раѓаат непослушни
Однесувањето е форма на комуникација.
-Децата никогаш не се „непослушни“ – тие го прават најдоброто што можат со вештините што ги поседуваат. Нашата работа е да учиме, а не да етикетираме – потсетува психологот.
Игнорирањето на децата кога се вознемирени им помага да се смират
На децата им е потребна корегулација. Мирното присуство на родителот ги учи како да ги регулираат емоциите – тишината и дистанцирањето честопати само ги влошуваат чувствата.
Децата можат да бидат манипулативни
-Малите деца не се способни за пресметана манипулација. Она што изгледа како манипулација е всушност потреба за поврзаност или безбедност – вели Блох.
Како што нагласува психологот, важно е родителите да препознаат дека многу од овие митови се штетни бидејќи ги игнорираат вистинските потреби на децата и ја поткопуваат довербата. Разбирањето и пристапот базиран на наука им помагаат на децата да развијат емоционална отпорност и здрава слика за себе.