Игротека

Во обид да го поттикне наталитетот, Кина нуди 1.300 евра по дете

Кинеската влада започна со прва национална субвенција насочена кон зголемување на наталитетот, нудејќи им на родителите по 3.600 јуани годишно (околу 430 евра) за секое дете помало од три години.

Стапката на наталитет во земјата опаѓа и покрај тоа што пред речиси една деценија беше укината контроверзната политика на едно дете, која ја водеше Комунистичката партија.

Според државните медиуми, програмата ќе им помогне на речиси 20 милиони семејства да ги покријат трошоците за одгледување деца.

Неколку провинции низ Кина веќе воведоа финансиски поттик за да ги охрабрат луѓето да имаат повеќе деца, како дел од напорите да се спречи демографската криза со која се соочува втората по големина економија во светот.

Според планот објавен на 28 јули, на родителите ќе им биде понудена вкупна сума до 10.800 јуани по дете (околу 1.500 долари или 1.300 евра). Одлуката ќе важи ретроактивно од почетокот на оваа година.

Исто така, и семејствата со деца родени помеѓу 2022 и 2024 година ќе можат да аплицираат за делумни субвенции.

Овој потег доаѓа по слични обиди на локалните власти да ја зголемат стапката на наталитет во Кина.

Во март градот Хохот во северниот регион на земјата почна да нуди до 100.000 јуани (12.000 евра) по новороденче за парови со најмалку три деца.

Шењанг, град североисточно од Пекинг, нуди месечна помош од 500 јуани (околу 60 евра) за локални семејства со трето дете помало од три години.

Властите во Пекинг неодамна ги повикаа локалните самоуправи да изготват планови за воведување бесплатно предучилишно образование.

Според истражување на Кинескиот институт за истражување на населението „Јува“, Кина е едно од најскапите места во светот за одгледување деца. Истражувањето покажало дека одгледувањето дете до 17 години во Кина чини во просек над 65.400 евра.

Официјалните податоци објавени во јануари покажуваат дека бројот на жители во Кина се намалува трета година по ред заклучно со 2024 година.

Во текот на 2024 година во Кина се родиле 9,54 милиони бебиња, според податоците на Националниот завод за статистика. Иако тоа претставува мало зголемување во споредба со претходната година, продолжува трендот на опаѓање на населението.

Кинеското население, кое брои 1,4 милијарди луѓе, истовремено и брзо старее, што дополнително ги зголемува демографските грижи.

Извор

Поврзани написи

To top