Здрави пријателства честопати вклучуваат искрена загриженост, па затоа не е невообичаено оние што ни се најблиски да имаат мислење за личноста со која сме во врска. Понекогаш тоа мислење може да биде позитивно, но во други случаи, нивната реакција може да создаде сомнеж, тензија, па дури и да влијае врз траењето на самата врска. Пријателите понекогаш гледаат работи што не сакаме да ги признаеме – но нивната перспектива не е секогаш целосно објективна. Според психологот Марк Траверс, ова се двата најчести начини на кои пријателите можат да влијаат врз вашиот љубовен живот.
Тие гледаат работи што вие не ги гледате
Кога пријателите не го сакаат нашиот партнер, тоа често произлегува од искрена загриженост, вели психологот.
-Тие може да забележат мали знаци на непочитување, контролирачко однесување или нешто што едноставно не се чувствува како што треба – што ние, поради нашите емоции, може да го пропуштиме. Бидејќи се емоционално одвоени од врската, нивната перспектива е појасна и се чувствуваат обврзани да одговорат ако почувствуваат дека нешто не е во ред. Работите понекогаш им изгледаат појасни затоа што не се зафатени со своите емоции – објаснил тој.
Покрај тоа, додава тој, нивните мислења често се базираат на она што ние сме им го кажале – често во моменти на лутина или фрустрација.
-Ако премногу често им кажувате за негативните страни на врската, тие можат да развијат искривена слика за вашиот партнер. Таа слика може да се засили со текот на времето, дури и ако реалноста е многу посложена. Затоа, кога пријателите изразуваат загриженост, важно е да ги слушате, но и да останете свесни дека тие знаат само дел од приказната – истакнува Траверс.
Тие имаат различно разбирање за љубовта
Нашите пријатели понекогаш ги гледаат љубовните врски од сосема поинаква перспектива. Можеби не разбираат зошто се согласуваме на компромиси, зошто понекогаш го ставаме партнерот пред сопствените потреби или зошто толерираме одредени несовршености. Но, сето ова се нормални делови од долгорочните и зрели врски.

-Нивното несогласување не мора да значи дека нешто не е во ред, туку дека едноставно имаме различни ставови – вели психологот.
Од друга страна, кога сме длабоко посветени на некого, природно е понекогаш да ги отфрламе негативните мислења затоа што ги перципираме како закана за нашата врска.
-Некои пријатели може да ги проектираат своите несигурности или страв од губење на нашето пријателство, особено кога минуваме низ големи животни промени. Со текот на времето, станува појасно кој природно ја прифаќа нашата врска, а кој се бори со неа. На крајот на краиштата, најважно е да верувате во сопствената процена и сопствените чувства, почитувајќи ги пријателството и врската – заклучува Траверс.