Воспитување

Тинејџерите го следат УВ индексот на „Тик-ток“- не за заштита, туку за побрзо потемнување

И покрај предупредувањата за опасностите од сончањето, оштетувањето на кожата и ризикот од рак, сè повеќе тинејџери сега намерно се изложуваат на најсилно сонце за побрзо потемнување. Новиот тренд на „Тик-ток“, познат како „проверка на УВ“, предизвикува загриженост кај дерматолозите низ светот. Тој вклучува млади луѓе кои го користат УВ-индексот од временската прогноза како водич за сончање – колку е повисоко УВ-зрачењето, толку е подобро време за сончање, според нив. Сепак, УВ-индексот всушност ја мери јачината на штетното УВ-зрачење, а не „квалитетот“ на постигнување потемнување.

Дерматолозите предупредуваат дека овој тренд е опасен

Експертите истакнуваат дека ова е многу загрижувачко однесување. Д-р Викторија Казлоускаја објаснува дека постојаното изложување на високи УВ-зраци на млада возраст значително го зголемува ризикот од меланом, еден од најсмртоносните форми на рак на кожата. Покрај тоа, продолженото сончање без заштита предизвикува и предвремено стареење на кожата, губење на еластичноста и појава на пигментни дамки, што можеби не е загрижувачко сега, но сигурно ќе биде во иднина.

Митот за „здрав тен“

Социјалните медиуми сè повеќе го романтизираат тенот, со хаштази како „#sunburnchallenge“ (предизвик за изгореници од сонце) „#uvtanning“ (УВ-сончање), каде што младите луѓе објавуваат фотографии со јасно видливи изгореници од сонце. Многумина ги гледаат како „доказ“ дека нивната кожа потемнува, игнорирајќи го фактот дека изгорениците од сонце се првиот знак на оштетување на кожата.

-Тинејџерите сосема грешат. Високиот УВ-индекс не значи дека е време за сончање, туку дека треба да ја зголемите заштитата на кожата и да избегнувате изложување на сонце помеѓу 10 часот наутро и 14 часот попладне – вели д-р Сузан Ц. Тејлор, професорка по дерматологија.

Што можат да направат родителите?

Како и со многу модерни трендови, клучот е отворената комуникација. Наместо да им забранувате, обидете се да им објасните на вашите деца што всушност значи УВ-индексот и како го штити нивното здравје. Покажете им како да користат крем за сончање со висок фактор, зошто е важно да носат шапка и очила за сонце и дека тоа не е знак на слабост, туку на паметно однесување. Знаењето и свеста се првиот чекор кон поздрави навики, и тоа не само во лето. Учењето на вашето дете да се грижи за својата кожа уште од мали нозе е најдобриот подарок што можете да му го дадете.

Извор

Поврзани написи

To top