Се наоѓаме на средината на сезоната на вируси, настинки и грип, а на нив особено се изложени децата што се во колективи. Иако домашното лекување е доволно за повеќето такви состојби, доколку состојбата не се подобри, неопходно е да се посети лекар. Во некои случаи потребни се антибиотици, а медицинските експерти од Британската национална здравствена служба им откриле на родителите на „Инстаграм“ три работи кои се важни доколку лекарот му ги препише овие лекови на детето.

Антибиотикот секогаш се пие докрај

Британската национална здравствена служба објаснува дека кога на детето му се препишуваат антибиотици, важно е секогаш да се заврши текот на лекувањето, дури и ако детето се чувствува подобро по два или три дена.

-Ако на вашето дете му биле препишани антибиотици за бактериска инфекција, може да мислите дека е подобро по два или три дена. Но, важно е лекот да се зема како што е пропишано, докрај – велат од службата, наведувајќи дека во спротивно е поголем ризикот од релапс.

-Незавршувањето на целосниот тек на антибиотици, исто така, го зголемува ризикот бактериите да станат отпорни на антибиотици – додаваат оттаму.

Следете го советот на вашиот лекар за потребата од антибиотици

-На децата често не им требаат антибиотици бидејќи во повеќето случаи инфекциите кај децата се предизвикани од вируси, како настинка или грип, кои антибиотиците не можат да ги излекуваат.

Кога станува збор за овие лекови, службата ги советува родителите да ги следат советите на својот лекар за тоа кога навистина се потребни антибиотици, а кога не.

-Резистенцијата на антибиотици е голем проблем – земањето на овие лекови дури и кога не се потребни, значи дека тие повеќе нема да имаат ефект врз детето во иднина.

Антибиотиците не се препишуваат рутински

Британската национална здравствена служба објаснува дека антибиотиците не помагаат при сите инфекции, вклучувајќи ги и повеќето видови кашлица, настинка и грип.

Истакнуваат и дека антибиотиците повеќе не се препишуваат рутински за болки во грлото и инфекции на увото кај децата и дека советот е да се обидете да ги лекувате полесните бактериски инфекции и кај возрасните и кај децата без антибиотици.

Колку повеќе антибиотици се користат за лекување на некои безопасни состојби, толку е поголема шансата тие да станат неефикасни во лекувањето на некои посериозни состојби, истакнуваат експертите.

Светската здравствена организација и другите глобални здравствени организации се стремат да ја намалат употребата на антибиотици, особено за несериозни медицински состојби.

Автор: Тајана Третњак

Извор



912

X