Играчките за деца се дизајнирани да бидат цврсти и издржливи, но ако погледнете подобро, количината на нечистотија што ја акумулираат може да биде малку загрижувачка. Од изгребани пластични играчки влечени низ кал и лисја во паркот, до мувлосани играчки за капење. Има и играчки кои детето ги дели со другарчињата, а тие можат да имаат различни видови вируси и бактерии.

Најчестите патогени пронајдени на детските играчки се респираторни вируси како што се аденовирус, риновирус и респираторен синцицијален вирус (RSV), но исто така и патогени кои предизвикуваат дијареја, како што се ротавирус, норовирус и бактерии (на пример, ешерихија коли). Кај играчките со кои децата играат додека се капат, најголем проблем е бактеријата „Serratia marcescens“, како и мувлата.

Мувлата може да предизвика алергиски реакции и проблеми со дишењето, додека „Serratia marcescens“ може да предизвика инфекции.

Дали некои играчки се поопасни од другите?

– Некои истражувања покажаа дека кадифените играчки собираат повеќе микроби – вклучувајќи ги и штетните, отколку тврдите играчки, така што кадифените играчки повеќе шират патогени – вели д-р Џејмс Гарнет, микробиолог од Кралскиот колеџ во Лондон.

Тој додава дека бактериите и габите растат како биофилм во влажни средини. Таму се групирани, што им дава дополнителна заштита и го отежнува нивното отстранување. Играчките за капење со дупки се многу склони кон растење на овие микроби во нив.

Колку често треба да си перат играчките?

Во принцип, зависи од тоа колку често детето ги користи своите играчки. Пластичните играчки што ги ставаат во устата кога им растат заби, доколку паднат на подот и детето е под една година, дезинфицирајте ги пред детето повторно да ги стави в уста.

За постарите деца, редовното бришење на играчките треба да биде доволно, но ако сте имале некоја болест во куќата или ако играчките дошле во контакт со телесни течности (како крв, повраќање, слуз), измијте ги темелно во жешка вода со сапуница или користете антибактериски марамчиња. Помалите играчки – и играчките за капење – обично може да се мијат во машина за миење садови доколку имате.

Кадифените животни може да се перат во машина за перење еднаш месечно, но ако детето спие со ваква играчка тогаш перете ги еднаш неделно.

Извор



912

X