Постои когнитивна пристрасност наречена „проклетството на знаењето“, а тоа се случува кога погрешно претпоставувате дека сите знаат колку што знаете вие за одреден тема.

Еден клинички микробиолог претпоставувал дека сите знаат дека е ужасна идеја да се бакнува новороденче на кое било место во главата.

Д-р Каран Раџ на неговиот профил на „Тик-ток“ неодамна сподели видео во кое ги предупредува луѓето за опасностите од бакнувањето бебе, а судејќи според илјадниците коментари, ова беше нова вест за голем број интернет-корисници.

Минатата година добротворната организација „Лалабај траст“ од Обединетото Кралство ги објави резултатите од истражувањето во кое открива дека 54 отсто од новите и идните родители би им дозволиле на пријателите и семејството да го бакнат нивното новороденче, несвесни за ризикот од сериозна инфекција.

Но, зошто е толку опасно да се бакнува новороденче?

Имунолошкиот систем на бебето не е целосно развиен кога ќе се роди, така што ризикот да заболи од сериозна инфекција е многу поголем.

Во текот на првите месеци имунолошкиот систем на доенчето има помалку вродени имунолошки клетки кои се борат против инфекции, како што се неутрофили и моноцити, во споредба со возрасните, што значи дека инфекциите кои предизвикуваат благи симптоми кај возрасни или постари деца може да бидат опасни за живот за бебиња.

Инфекцијата со херпес-вирусот е еден таков пример. Кај возрасните, херпес-вирусот предизвикува херпеси, но бебињата можат сериозно да се разболат ако се заразат со овој вирус.

Ако херпесот ги погоди само очите, устата или кожата на бебето, повеќето бебиња ќе закрепнат по антивирусниот третман. Но, ако вирусот стане системски и ги зафати органите на бебето, инфекцијата е многу посериозна и може да биде и смртоносна. Колку е помало бебето, толку е поранливо на херпес-вирусот, особено во првите четири недели по раѓањето.

Новородените бебиња се, исто така, поранливи на заразни бактерии отколку постарите деца и возрасните и се особено подложни на инфекции со интрацелуларни патогени (бактерии кои можат да навлезат и да преживеат во клетките на организмот-домаќин), како што се стрептококите од групата Б. Овие бактерии често живеат во гастроинтестиналниот и гениталниот тракт на нивниот домаќин без да предизвикаат болест. Ваквите инфекции кај бебињата предизвикуваат сепса, пневмонија, менингитис и инфекции на крвта.

Исто така, бебињата се подложни на инфекции на соеви од ешерихија коли кои не се штетни за возрасните, но кај бебињата предизвикуваат пневмонија, менингитис и сепса, а сето тоа може да има сериозни исходи.

Како безбедно да покажете љубов кон новороденчето?

Родителите на многу мали бебиња не треба да се чувствуваат непријатно да бараат од посетителите да избегнуваат бакнување или допирање на нивното бебе. Ако гостинот навистина се грижи за благосостојбата на доенчето, не треба да се чувствува навреден од барањето. И родителите не треба да чувствуваат дека претеруваат.

Најљубезната постапка на секој посетител е да не го изложи на ризик бебето, но ако поради добри причини мора да го бакнете бебето, постојат некои работи што можат да ја намалат опасноста од инфекција што ја претставувате.

Прво, погрижете се темелно да ги измиете рацете. И избегнувајте да го бакнувате доенчето в уста или лице. Бакнете му го ножето или задниот дел од главата. Ако имате активна инфекција од кој било вид, размислете дали навистина треба да го посетите бебето, особено ако е помало од еден месец. Најдобро би било за време на посетата да носите маска.

Извор



912

X