Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има 5 години и е многу весело и многу активно дете. Комуницира и иницира комуникација со поголеми (деца и возрасни), но со деца на слична возраст е резервиран, дури вели дека му е страв од тие деца, без да има никаква реакција од нив. Оди во градинка и сака да оди, но близок е со максимум 4, 5 деца. Совет?
ОДГОВОР: Социјалните искуства на децата, особено ако биле непријатни, понекогаш ги одредуваат идните искуства бидејќи постои страв да не се повторат. Можам да разберам дека вашето дете е резервирано и внимателно со деца од негова возраст поради искуството што го има во предучилишната установа.
Тој видел што значи натпревар, водство, насилна комуникација, борба за играчка итн. што само го имунизира и му помага во социјалниот развој.
Сепак, тој е отворено дете и сака да оди во градинка. За пофалба е тоа што создал близина со неколку деца. Не треба да ве загрижува фактот што не е близок со сите или што се обидува најпрво да ги осознае за да знае што може да очекува. Детето е на добар пат да ги креира своите граници кои му се систем на заштита и научило како сака, а како не сака да биде третирано.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912