Опасен тренд станува сѐ почест кај тинејџерите, познат како „хромирање“. Ова вклучува вдишување вообичаени предмети за домаќинство, како што се лак за нокти или фломастери со цел да се доживее возбуда.
Иако терминот „хромирање“ е релативно нов, практиката на вдишување секојдневни предмети поради нивните халуциногени ефекти постои долго време. Претходно тоа се нарекуваше „хафинг“, „пафинг“, „бегинг“.
Во 2015 година околу 684.000 Американци на возраст од 12 до 17 години користеле инхаланти, според Управата за злоупотреба на супстанции и ментално здравје на САД. Тој број се намалил на 554.000 до 2022 година, но повторно малку се зголемил на 564.000 во 2023 година.
Социјалните медиуми во голема мера придонесуваат за ова повторно оживување, како што објаснува Рејчел Ким, истражувач во „Коен чилдренс нортвел хелт“. Таа е коавтор на студија за видеата на „Тик-ток“ поврзани со „хромирањето“, истакнувајќи колку се лесно достапни артиклите што се користат за активноста.
„Хромирањето“ вклучува вдишување на јаглеводороди и други штетни испарувања од легални производи. Името доаѓа од остатоците од металната боја што остануваат на кожата по вдишувањето. Според д-р Хана Хејс од Центарот за отрови во Централно Охајо, хромот предизвикува голема зависност.
Анализа на 109 видеа на „Тик-ток“ поврзани со „хромирање“
Студијата на Ким, презентирана на Националната конференција на Американската академија за педијатрија во 2024 година, анализирала 109 видеа на „Тик-ток“ поврзани со „хромирање“, при што многу корисници разговараат за повторена употреба и зависност.
Видеата покажале дека 31% од тинејџерите користеле трајни хромирани маркери/фломастери, по што следуваат лак за нокти (12%) и разредувач, бензин или дезодоранс (11%).
Некои деца дури користат канистри за шлаг за „хромирање“, што натерало една компанија да престане да ги продава своите производи од азотен оксид со вкус на слатки откако ја открила нивната злоупотреба.
„Хромирањето“ е многу опасно, потенцијално доведува до вртоглавица, нејасен говор и губење на рамнотежата, зголемувајќи го ризикот од паѓање. Исто така, може да доведе до посериозни здравствени проблеми како што се срцеви аритмии, напади, па дури и смрт.
Во еден трагичен случај, 11-годишно момче во Велика Британија починало откако се обидело да се „хромира“ за време на предизвик на социјалните мрежи.
Иако „хромирањето“ не е ново, неговата популарност е поттикната од социјалните мрежи кои често го прикажуваат ова однесување на хумористичен начин, односно го нормализираат меѓу младите. Децата може да мислат дека тоа е побезбедно од традиционалните дроги, бидејќи предметите се широко достапни, за разлика од другите контролирани супстанции.
За да се намалат ризиците, Ким предлага таквите предмети да се чуваат подалеку од дофат на помали деца, иако тоа може да биде предизвик, бидејќи тие се вообичаени производи за домаќинството. Родителите треба да внимаваат и на необично однесување, како што е купувањето прекумерни количини лак за нокти.
Следењето на употребата на социјалните мрежи и дискусијата за „хромирање“ на неосудувачки начин може да помогнат да се обесхрабрат децата да го прават тоа. Едукацијата за опасностите и поставувањето јасни граници, исто така, може да бидат ефективни во спречувањето на злоупотреба на дрога.
Автор: Томислав Станиќ
912