Раните години од животот на детето се клучни за развојот бидејќи тие ја поставуваат основата за идното учење, однесување и целокупната благосостојба. Кога децата ќе наполнат пет години, тие брзо растат – и ментално и емоционално, што е совршено време родителите да ги научат на вредни животни лекции.
Ова се неколку работи што децата треба да ги знаат до нивната петта година, а што родителите треба да ги научат.
Основни манири и почит
Една од најважните животни лекции на која децата треба да се научат е како да бидат културни и да ги почитуваат другите. Едноставните фрази како „те молам“, „благодарам“ и „извини“ помагаат во развојот на нивните социјални вештини. Учењето на детето да ги почитува другите, вклучително и возрасните и врсниците, му помага да ја научи вредноста на љубезноста и емпатијата.
Важноста да делат работи
Делењето е основна социјална вештина која им помага на децата да градат пријателства и да се снаоѓаат во различни социјални ситуации. Кога го охрабрувате вашето дете да споделува играчки, грицки или други работи, го учите на соработка и великодушност. Раното усвојување на оваа навика ги поставува темелите за позитивни интеракции и им помага на децата да ја разберат радоста на давањето и делењето.
Како правилно да ги изразат емоциите
Да им се помогне на децата да ги препознаат и да ги изразат своите чувства е клучно за развој на нивната емоционална интелигенција. Родителите треба да ги поттикнуваат децата да зборуваат за тоа како се чувствуваат, а не да глумат и да ги кријат своите чувства. Ова ќе им помогне да изградат емоционална отпорност и да разберат дека е во ред да покажуваме емоции и да ги чувствуваме.
Основни хигиенски навики
Добрата хигиена е важна навика која децата треба да ја научат уште од мали нозе. Неопходно е да ги научите децата на важноста да си ги мијат рацете пред јадење, по користење на тоалетот и по играње надвор. Родителите треба да им покажат на децата како правилно да ги мијат забите и да ги охрабрат да се бањаат редовно и да одржуваат лична хигиена. Овие основни навики ќе станат доживотни практики кои промовираат добро здравје.
Како да следат упатствата што ги добиле
Учењето на детето да слуша и да ги следи упатствата го подготвува за училиште и за опкружувањето. Некои примери што можете да ги испробате се да им дадете едноставни задачи, како што се да ги средат играчките или да ви помогнат да ја поставите масата и да ги пофалите кога ќе завршат. Ова им помага на децата да развијат чувство на одговорност и да научат да ги следат правилата и рутините.
Вештини за решавање проблеми
Поттикнувањето на решавање проблеми уште од рана возраст им помага на децата да развијат вештини за критичко размислување. Корисно е родителите да му дозволат на детето самостојно да донесува одлуки и да решава мали проблеми, како што се изборот на облека. Ова помага да се изгради нивната самодоверба и ги учи дека со трпение и труд можат да се надминат голем дел од предизвиците.
Вредноста на љубопитноста и учењето
Поттикнувањето на чувството за љубопитност кај децата е важно за нивниот интелектуален развој. Тие треба да се охрабруваат да поставуваат прашања, да истражуваат и да експериментираат со нови активности. Без оглед дали станува збор за читање книги, истражување на природата или креативна игра, учењето на вашето дете да го сака учењето уште од рана возраст помага да се постават темелите за доживотен интелектуален развој.
912