Аутизмот е доста специфична состојба која продолжува да ги интригира експертите, особено поради фактот што постојано се откриваат нови детали. Една од причините е тоа што одговорите поврзани со аутизмот обично се кријат во мозокот, по кој не е така лесно да се „копа“. Токму затоа сè уште не е позната точната причина за аутизмот, ниту се знае сè за тоа како може да се влијае врз аутизмот.
Она што се знае е дека понекогаш е многу тешко да се „допре“ до децата со аутизам. Аутизмот постои и во поблаги форми, односно детето може да биде повеќе или помалку погодено од оваа состојба, во зависност од тоа за кој дел од спектарот на аутизам станува збор. А она што досега научниците успеале да го го заклучат е дека аутизмот нема правила.
Но, едно ново истражување покажа дека сепак постојат некакви „правила“. Истражувањето на повеќе од 1.600 деца покажа дека браќата и сестрите на децата со аутизам имаат околу седум пати поголеми шанси од другите да имаат попреченост. Овие деца имале 20,2 отсто поголеми шанси да им биде дијагностициран аутизам до тригодишна возраст.
Сепак, овој ризик е уште поголем кај децата со повеќе браќа и сестри во спектарот – дури 37 отсто. Овие шанси за аутизам се менуваат кога се обрнува внимание на полот на првото дете со аутизам во семејството.
– Ако првото аутистично дете во семејството било девојче, постои 50 отсто поголема веројатност семејството да има уште едно дете со аутизам отколку ако нивното прво аутистично дете било момче. Ова укажува на генетски разлики што ја зголемуваат веројатноста за повторување во семејствата кои имаат ќерка со аутизам – вели Сали Озоноф од Институтот „Дејвис“.
Дополнително, постојат одредени разлики во стапките на аутизам врз основа на расата и степенот на образование на мајката, па шансите се зголемуваат во семејства каде што родителите се белци и кај мајките со пониско образование.
Резултатите од истражувањето се базираат на податоци собрани од деца во САД, Канада и Велика Британија кои биле постојано тестирани од експерти за да се докаже аутизмот кај нив. Истражувањето е продолжение на друго истражување од 2011 година кое покажало дека стапката на аутизам кај семејства кои веќе имале дете со аутизам е 18,7 отсто.
Ова истражување опфатило многу поголема и поразновидна група на семејства, а стапките на аутизам биле повисоки отколку во претходното истражување.
– Истражувањето потврдува колку е важно родителите/старателите внимателно да ги следат браќата и сестрите на децата со аутизам за доцнење во социјалниот развој и комуникацијата. Ова е особено важно кај семејствата кои имаат ограничен пристап до нега бидејќи раната дијагноза и раната интервенција се од клучно значење – вели Озоноф.
912