Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 3 години и не оди во градинка. Не живееме во Македонија. Пред некое време отидовме во Македонија во посета на роднините и сите почнаа да ѝ зборуваат дека е голема и дека е време да ги фрли пелените. Некогаш седнува на нокширче или на адаптер, но повеќе е неуспешно (или доцна кажува, или не кажува). Не покажува знаци дека не ѝ е удобно во мокра пелена и повеќе сака да носи пелена отколку гаќички. Се обидуваме сами почесто да ја седнуваме на нокширче, но чувствувам дека ја мачиме. Сега се преселивме во нова средина, не познаваме никој тука, нема роднини, нема другарчиња и мислам дека уште почесто се подмочува можеби од тага или некаква бунтовност. Дали да ја оставиме сама да биде спремна за фрлање на пелените? Ако се откажеме сега од одвикнување, да не ја збуниме повеќе? Ве молам за совет, како правилно да постапиме.
ОДГОВОР: Веќе некое време се обидувате да ги регулирате и осамостоите биолошките потреби на вашето дете, но не сте сигурни дали таа е спремна. Бидејќи процесот е веќе започнат, советувам да не го прекинувате и да не се враќате наназад.
Во овој процес најважно е детето да се сепарира од пелената која ја чувствува како дел од него. Сѐ додека ја носи, нема да почувствува неудобност во мокра пелена. Неудобноста ќе ја почувствува кога ќе носи гаќички. Кога ќе се јави неудобноста, тогаш се појавува и првата свесност, како и потреба состојбата да се промени. Оттаму и треба да почнете.
За да го регулирате и ноќното мокрење, не давајте течности еден час пред спиење и користете чаршаф за еднократна употреба. Во овој процес е потребна доследност и истрајност, практично како некој секојдневен тренинг.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912