Менингитисот е инфекција која може да биде многу опасна, но многумина не знаат точно што е тоа и како се препознава и лекува. Тоа е воспаление на течноста и трите мембрани кои ги опкружуваат мозокот и ‘рбетниот мозок. Најчести причини за менингитис се вирусни и бактериски инфекции, а некои други причини може да бидат рак, габи и реакции на одредени лекови.

Во некои случаи, менингитисот е заразен и може да се пренесе со кашлање, кивање или близок контакт.

Симптоми на менингитис

Симптомите на менингитис може да бидат слични на почетокот, но обично се потешки кај бактерискиот менингитис. Симптомите може да варираат во зависност од возраста на засегнатото лице.

Симптоми на вирусен менингитис кај доенчиња:

-Намален апетит
-Раздразливост
-Повраќање
-Дијареја
-Исип
-Респираторни проблеми.

Симптоми на вирусен менингитис кај возрасни:

-Главоболки
-Треска
-Вкочанетост во вратот
-Напади
-Чувствителност на светлина
-Поспаност
-Летаргија
-Гадење и повраќање
-Намален апетит
-Променета ментална состојба.

Симптоми на бактериски менингитис

Она што е карактеристично е дека симптомите на бактериски менингитис се појавуваат ненадејно и може да вклучуваат:

-Променета ментална состојба
-Гадење
-Повраќање
-Чувствителност на светлина
-Раздразливост
-Главоболки
-Треска
-Вкочанетост во вратот
-Виолетови области на кожата кои изгледаат како модринки
-Поспаност
-Летаргија.

Ако имате некој од овие симптоми, веднаш побарајте лекарска помош бидејќи бактерискиот и вирусниот менингитис може да бидат фатални.

Симптоми на габичен менингитис

Симптомите на габичниот менингитис се слични на другите видови инфекции и може да вклучуваат:

-Гадење
-Повраќање
-Чувствителност на светлина
-Вкочанетост во вратот
-Треска
-Главоболки
-Слабост
-Конфузија или дезориентација.

Симптоми на хроничен менингитис

Се смета дека едно лице има хроничен менингитис ако симптомите траат подолго од четири недели. Симптомите на хроничен менингитис се слични на другите форми на акутен менингитис, но понекогаш се развиваат побавно.

Видови менингитис

Најчести причини за менингитис се бактериите или вирусите, а поретки форми се предизвикани од габи или рак. Кога станува збор за вирусите, најчести „виновници“ се оние од категоријата ентеровируси, а менингитис може да предизвика и западнонилскиот вирус, грип, ХИВ, мали сипаници, херпес…

Вирусен менингитис обично поминува без третман, иако некои случаи бараат терапија.

Бактерискиот менингитис е заразен и може да биде фатален ако не се лекува.

Најчестите бактериски причини за менингитис се:

-Streptococcus pneumoniae, кој најчесто се наоѓа во респираторниот тракт и синусите
-Neisseria meningitidis, која се шири со плунка и други респираторни течности
-Listeria monocytogenes, која може да се најде во контаминирана храна
-Staphylococcus aureus, кој најчесто се наоѓа низ целата кожа и носот.

Габичен менингитис

Оваа форма на менингитис е ретка и се јавува кога габа го инфицира телото и се шири преку крвотокот до мозокот и ‘рбетниот мозок. Луѓето со ослабен имунолошки систем, како што се оние со рак или ХИВ, имаат поголем ризик за развој на оваа форма на менингитис.

Паразитски менингитис

Вирусната и бактериската форма на оваа инфекција се поретки, а ја предизвикуваат паразити кои се наоѓаат во нечистотијата, изметот, на некои животни и храната, како што се полжавите, сировата риба, живината…

Неинфективен менингитис

Оваа форма на болеста всушност не е инфекција, туку ретка форма на менингитис предизвикана од други медицински состојби или лекови. Причините за неинфективен менингитис може да бидат:

-Лупус
-Повреда на главата
-Операција на мозокот
-Рак
-Одредени лекови.

Третман на менингитис

Начинот на лекување на менингитисот зависи и од видот на инфекцијата.

Бактерискиот менингитис бара итна хоспитализација, а раната дијагноза и третман може да спречат оштетување на мозокот и смрт. Се третира со интравенски антибиотици и стероиди.

Габичниот менингитис се лекува со антимикотици, а кај паразитскиот облик на болеста се лекуваат само симптомите или се прави обид за лекување на самата инфекција.

Вирусниот менингитис може да помине сам по себе, но некои случаи бараат третман со интравенски антивирусни лекови.

Хроничниот менингитис се третира со лекување на основната причина, како што е габична инфекција или автоимун проблем, како што е ревматоидниот артритис.

Колку е заразен менингитисот?

Некои видови, како што се габични, паразитски и неинфективни менингитиси, не се заразни. Сепак, вирусниот менингитис е заразен и се шири преку контакт со телесни течности, вклучувајќи секрети, измет и плунка. Преносот со капки може да биде предизвикан од кивање или кашлање, а контактот со заразено лице не мора да биде директен за да се пренесе инфекцијата.

Бактерискиот менингитис, кој е најопасен, може да биде и заразен, во зависност од тоа која бактерија го предизвикува. Се пренесува преку долготраен контакт со заразено лице, па најчесто се пренесува во училишта, градинки, болници, факултети и општо на места каде што луѓето и децата остануваат подолго време заедно.

Компликации на менингитис

Ова се компликациите кои најчесто се поврзуваат со менингитис:

-Напади
-Губење на слухот
-Губење на видот
-Проблеми со меморијата
-Мигрена
-Оштетување на мозокот
-Хидроцефалус
-Субдурален емпием, т.е. акумулација на течност помеѓу мозокот и черепот.

Инфекцијата со менингитис може да доведе до формирање бактерии во крвотокот, кои се размножуваат и ослободуваат токсини. Ова може да доведе до оштетување на крвните садови и истекување на крв во кожата и органите.

Посериозна форма на оваа инфекција на крвта може да биде многу опасна, може да доведе до гангрена, а во некои случаи е потребна и ампутација.

Извор



912

X