Повеќе од 55 отсто од примероците од спермата од француската клиника за неплодност содржеле високи нивоа на глифосат, најчестиот уништувач на плевел во светот, што повторно ги отвора прашањата за влијанието на хемикалијата врз репродуктивното здравје и општата безбедност.

Новото истражување открило докази за ефектите на хербицидите врз ДНК и корелација помеѓу нивоата на глифосат и оксидативниот стрес во семената плазма, што укажува на значително влијание врз плодноста.

-Ако се собере сѐ заедно, нашите резултати укажуваат на негативното влијание на глифосатот врз човековото репродуктивно здравје и можните потомци – велат авторите на студијата објавена во списанието „СајенсДирект“.

Научниот труд „Присуството на глифосат во човечката сперма“ е создаден како резултат на потрагата по одговори – зошто глобалните стапки на плодност се намалуваат, а многумина се сомневаат дека изложеноста на токсични хемикалии како глифосат е значаен двигател на овој пад.

Глифосат се користи за голем број прехранбени култури во САД. Н Студијата на американската влада од 2023 година, открива генотоксичност кај фармерите со високи нивоа на хербициди во крвта, што укажува на врска помеѓу пестицидите и ракот.

Во декември, група водечки американски јавно-здравствени организации поднеле петиција до Агенцијата за заштита на животната средина за да го забрани производот, иако нејзините бранители рекле дека нема убедливи докази за човечка токсичност. Сепак, десетици земји ја забраниле или ограничиле неговата употреба.

Оксидативниот стрес – важен фактор за машката неплодност

Нивоата што француските истражувачи ги откриле во спермата биле четири пати повисоки отколку во крвта на мажите, што, како што пишуваат авторите, е прва ваква споредба. Тие го нарекле наодот „загрижувачки“ бидејќи укажува дека оваа хемикалија е особено опасна за репродуктивниот систем.

-Оксидативниот стрес се смета за еден од најважните фактори за машката плодност бидејќи ја регулира виталноста и функционалноста на спермата кај цицачите – напишале авторите и откриле „значајна позитивна корелација“ помеѓу нивото на стрес и глифосатот.

Луѓето што се занимаваат со земјоделство имале највисоки нивоа на глифосат, а 96 отсто од фармерите вклучени во студијата ја имале оваа хемикалија во нивните тела. Градинарите исто така имале вредности меѓу највисоките нивоа, а и пушачите имаат тенденција да имаат покачени нивоа, многу повеќе од непушачите. Меѓународната агенција за рак го класифицирала глифосатот во групата на веројатни канцерогени и во групата на ендокрини нарушувачи, што може да се преведе како хормонски отров. Кога хемикалија е хормонски отров и се меша со вашето тело, можете да очекувате хормонален хаос. Тоа вклучува невролошки, репродуктивни нарушувања, имунолошки нарушувања, како ефектот на Пандорината кутија каде што можете да очекувате спектар на здравствени нарушувања само затоа што секојдневно сте изложени на глифосат.

Што се однесува до дозволените концентрации, комплицирано е да се одредат бидејќи глифосатот не е единствена хемикалија, туку коктел од хемикалии на кои сте изложени.

Концентрацијата на сперма опаднала за 50 отсто поради хемикалии

Низа студии покажале дека бројот на сперматозоиди кај мажите во западните земји е во постојан пад, а како главен виновник е откриена изложеноста на хемикалии и пластика. Во последните 40 години концентрацијата на сперматозоиди во ејакулатот е намалена за 50 отсто, покажуваат резултатите од студијата објавена во списанието „Хјуман репродакш апдејт“, спроведена од д-р Хагаи Левин од Универзитетот во Ерусалим. Нивното истражување покажало дека бројот на сперматозоиди кај мажите во Северна Америка, Европа, Австралија и Нов Зеланд се намалил за 50 до 60 отсто помеѓу 1973 и 2011 година. Научниците биле особено загрижени дека голем дел од мажите на Запад имаат концентрација на сперма под 40 милиони на милилитар семенска плазма, бидејќи тоа укажува на неплодност. Тоа не е само показател за плодноста, туку и за здравјето на мажите, ото ниските нивоа се поврзани со зголемен ризик од хронични болести, рак на тестисите и намален животен век.

Минатата година Левин и неговите колеги објавиле податоци за светските трендови. Истражувањето опфатило 53 земји и покажало дека бројот на сперматозоиди се намалува во просек за 1,2 отсто годишно од 1973 година, а од 2000 година, стапката на опаѓање се забрзала на повеќе од 2,6 отсто годишно.

Извор



912

X