Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 5 години и е второ дете. Поголемото дете има 9 години. Последниве две години не можеме да се објасниме со него за неубаво и недолично однесување. Најголем проблем е градинката, каде што секојдневно е непослушен, нема трпение, прави разни глупости во тоалет (мокрење коса, прскање деца, играње со сапун и сл.). Воедно бурно реагира кон другарчињата, гребе, се турка, ги мава децата доколку некој му земе играчка и знае прв да почне да се задева. Го учиме да разговара, да не реагира така, бил казнет да не излегува надвор, да нема пристап до технологија и сл. работи, ама ништо не дава ефект. Исто така, секојдневно објаснуваме што е добро, а што лошо однесување, ама по еден ден заборава.

ОДГОВОР: Според напишаното, вашето дете, кое е на петгодишна возраст, се соочува со проблем во следење правила и почитување на границите на однесување. Многу е веројатно дека тој знае што е добро, а што лошо, но не може да го примени и да го согледа тоа бидејќи не наидува на конзистентни и доследни правила.

Сето тоа директно се манифестира врз дисциплината и детето учи преку предизвикувачко однесување да ѝ го привлекува вниманието на околината. Со воведување правила во домот и посочување на границите на однесување – што може, а што не може, потребно е да се воведат и последици од прекршените правила со ставање акцент и потенцирање на причинско-последичниот однос на случувањата. Во тој дел многу е важно и двајцата родители да сте истомисленици и конзистентни во регулирањето на границите, ако барем еден од вас не е доследен, однесувањето тешко може да се регулира.

Исто така, за да ја регулираме дисциплината, потребно е и квалитетно да го негуваме поврзувањето со детето. Секој од вас треба да има „еден на еден“ време во кое ќе спроведе некоја активност која понатаму ќе ја негувате и ќе стане ваша, на пример, со тато секогаш возам велосипед или се шетам во паркот, со мама секогаш играм игри како готвач, продавач, лекар итн. Поврзаноста е канал на инспирација и подлога за детето да ја вреднува вашата личност, а со тоа и вашите зборови и насоките што му ги давате. Никогаш не заборавајте да го валидирате позитивното однесување, кое особено го забележувате кога станува збор за односот со постариот брат, потенцирајте: „Гледам како убаво играш и зборуваш со брат ти, навистина си прекрасно дете и добар другар“. Пофалете го секој напредок: „Секој ден си сѐ подобар и подобар и јас се гордеам со тоа“.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X