Секоја година 1.200 мајки страдаат од постпородилна психоза, покажува ново истражување. Според Кралскиот колеџ за психијатри, врз основа на раѓањата во 2022 година, оваа состојба погодува помеѓу 600 и 1.200 жени годишно.

Што е постпородилна психоза и како можеме да кажеме дали некој боледува од неа?

Постпородилна психоза е ментална болест која се јавува веднаш по породувањето.

– Станува збор за ненадејна и сериозна ментална болест која се јавува во постнаталниот период, обично во рок од две недели по породувањето. Сепак, има случаи каде што може да остане неоткриена неколку недели – вели терапевтот Сара Оливер.

Симптомите може да варираат од мајка до мајка, но генерално може да се дефинираат како ненадејна тешка депресија, често придружена со зголемено расположение и манични епизоди.

– Мајката може да изгледа како да е многу расположена, да се чувствува одлично и многу возбудена. Може да зборува брзо и да има многу енергија и желба за живот, а потоа во следниот час може да биде нерасположена, повлечена, изолирана и тивка – вели Оливер.

Заблуди и халуцинации

Заблудите и халуцинациите се карактеристики на постпородилната психоза, а засегнатото лице може да има необични верувања кои веројатно нема да бидат вистинити – како што е верувањето дека се случуваат натприродни работи.

– Можат да слушаат гласови, да гледаат привиденија и да имаат визии; да мирисаат чудни работи што ги нема – вели Оливер.

Недостиг на сон

Постпородилната психоза, исто така, влијае врз спиењето. Мајка која страда од оваа состојба може да има тешкотии да заспие, дури и кога е уморна.

Промена на личноста

Мајката со постпородилна психоза може да изгледа како сосема поинаква личност од онаа што нејзините најблиски ја познаваат и препознаваат; инхибициите може да се намалат и таа може да прави работи што инаку никогаш не би ги направила.

Според Оливер, мајката веројатно нема да биде свесна за тоа како се однесува и како се чувствува и можеби не препознава дека ѝ е потребна поддршка и медицинска помош. Затоа, доколку забележите некои од горенаведените симптоми кај новите мајки, веднаш побарајте лекарска помош.

Извор



912

X