Одлуката да посвоите домашно милениче не е мала. И додека речиси сите деца во одреден момент од животот почнуваат да бараат од родителите куче или маче, уверувајќи ги дека ќе направат сѐ што е потребно, пред да попуштите, треба да бидете сигурни дека вашето дете е доволно зрело за да може да се грижи за домашни миленици. Ова, се разбира, доколку сакате таа одговорност да биде споделена.
Се разбира, растењето и живеењето со животно има многу предности, како што се развивање одговорност, емпатија и грижа за друго живо суштество. Доколку изберете куче на кое му требаат секојдневни прошетки, има и бенефит од честите излегувања, од кои секако ќе има корист целото семејство.
Сепак, со домашно милениче доаѓа голема одговорност и тоа не е одлука што треба да се земе несериозно.
Ако вашето дете е многу упорно, а вие не сте сигурни дали е навистина подготвено да преземе дел од одговорноста, еве пет знаци дека веројатно е.
Вашето дете генерално сака животни и покажува наклонетост кон нив
Иако ова може да звучи како да не е важно (бидејќи речиси сите деца сакаат животни, а вие не би инсистирале на милениче ако не ги сака), да имате животно 24/7 не е исто како да го галите кучето што поминува во паркот. Животните, исто како и луѓето, имаат свој карактер и нивното однесување не може секогаш да се предвиди.
Вашето дете покажува дека е одговорно
Ако вашето дете ги завршува задачите навреме без да биде потсетувано, покажува зрелост и се грижи за роковите, тогаш ова е дефинитивно добар знак и показател дека ќе може да се справи со малку дополнителни обврски кои доаѓаат со домашно милениче. Се разбира, не можете да очекувате дека детето ќе направи апсолутно сè, дури и ако ветило дека ќе го стори тоа.
Лесно може да се поделат обврските околу домашно милениче, а одговорноста за друго живо суштество е корисна во социјалниот и емоционалниот развој на детето. Децата можат да помогнат да го нахранат кучето, а можат да го шетаат и по училиште, доколку се доволно големи и кучето е мирно.
Вашето дете знае како да следи распоред и да знае зошто е тоа важно
Како што ние треба да јадеме кога сме гладни, така и животните. Ако вашето дете разбира како функционираат рутините и распоредот и може да ги следи, тогаш веројатно ќе може да се грижи и за хранење на домашното милениче. Децата треба да знаат дека кучињата треба да се шетаат приближно во исто време секој ден и дека на зајаците им требаат 30 минути игра во одредени периоди во текот на денот. Ако вашето дете мисли дека домашното милениче може да чека уште еден час или два до оброците или излегувањето, можеби е подобро да почекате.
Детето не е гадливо
Оваа ставка може да звучи необично, но да се има домашно милениче значи често да доаѓате во контакт со неговиот измет. Без разлика дали го чистите по прошетка или неговиот кафез. Ако очекувате детето да преземе дел од таа одговорност, добро е да разговарате за тоа и да бидете сигурни дека детето ги разбира сите одговорности што доаѓаат со домашно милениче.
Вашето дете е упорно во желбата да добие домашно милениче и може да помогне во изборот
Лесно е да се заљубите во животно, особено во малечко, на прв поглед. Убаво е вашето дете да си игра со мачките во соседството, но треба да бидете сигурни дека ова чувство ќе трае дури и откако животното ќе биде со вас 24 часа. Исто така, многу деца се воодушевени од кученца и мали мачки, но за нив е многу важно да разберат дека сите овие животни ќе пораснат и дека им треба иста љубов, грижа и внимание и кога не се толку мали и слатки.
Ако вашето дете и по сето ова инсистира на домашно милениче, ако тоа трае со месеци и ако ги исполнува погоре споменатите точки, тогаш можеби е време да размислите да посвоите милениче.
Се разбира, под услов вие како родители да бидете подготвени да го преземете најважниот дел од одговорноста.
912