Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 3-годишен син кој во последно време кога го гасиме светлото за да спие, почнува многу да плаче. Или ако се разбуди во текот на ноќта и види дека светлото е исклучено, станува со плачење, го пали светлото и пак си легнува. Изгледа како да е премногу исплашен, веќе неколку ноќи спиеме со запалено светло. Тој никогаш немал проблем со спиењето, освен последните две недели откако му се појави стравот од темница. Ве замолувам за совет како да го надмине овој страв.

ОДГОВОР: Стравот од темница е меѓу најраспространетите стравови кај децата. Ова е нормална фаза која е дел од нивниот развој и може да се манифестира на различни начини. Започнува на возраст од две до пет години, а понекогаш може и да продолжи. На возраста во која е вашето дете се развива способноста за замислување. Детето не може да прави разлика помеѓу фантазијата и реалноста, па затоа границата помеѓу имагинацијата и реалноста е доста лабилна, особено ноќе кога детето има помалку стимули кои доаѓаат од реалноста, а многу кои доаѓаат од имагинацијата.
При исклучување на светлото и заспивањето, детето може да се соочува со стравот од разделба од родителите, страв да биде само, чувство на напуштеност, страв од губење сигурност на секојдневната рутина. Поради тоа, може да се почувствува дезориентирано и да чувствува несигурност. Темницата тогаш станува простор во кој детето ги канализира своите грижи и стравови.
Барајќи светлото да биде запалено, детето всушност бара да не биде оставено само за да се соочи со нешто што чувствува дека е преголемо за него, и бара помош.

Поради тоа, не минимизирајте го неговиот страв, не правете шеги. Покажете интерес за стравот со кој се соочува и одговорете на неговата потреба без да се убедува дека нема ништо страшно. Овој страв на некој начин е и конструктивен и добредојден, а вашето присуство и вашата близина се многу важни за воспоставување поголема емотивна врска со вас. На овој начин му покажувате на детето дека имате автентичен интерес за неговите емоции, неговите мисли и потреби. Вашиот интерес и вашата емпатија ќе ја стимулира отвореноста за да може на полесен начин да го процесира својот страв.

Разговарајте смирено за тоа зошто бара да биде запалено светлото, истражувајте ја темницата заедно. Може да го придружувате во откривањето на различните форми во темница и да го натерате да се запознае со околината околу него во различни периоди од денот, кога има повеќе или помалку светлина. Поттикнете го процесот на одвојување подржувајќи го без презаштитничко однесување.
Бидете креативни, обидете се да го пренесе стравот преку цртежи, песни или игри. Читајте книги со оваа тематика кои можат да бидат добредојдени за понатамошен разговор со вашето дете. Прикажете ја темницата како разиграна и забавна и помалку страшна. За ова можете да ја употребите неговата омилена играчка или некоја кукла.

Во однос на употребата на светлото, направете договор – на почетокот ќе бара да постојано биде запалено, а потоа потрудете се да го намалувате пренесувајќи му дека е безбеден и со и без светло.
Имајте ритуали пред спиење, како миење заби, читање книга и, се разбира, неизложување на мобилен пред спиење.

Нема потреба да брзате и да очекувате сѐ веднаш да се реши. Ден по ден, ќе изградите ритуал за заспивање што ќе прави тој да се чувствува безбедно и смирено.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X