Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има 4 години и веќе една година оди во градинка. Дома зборува без проблем, но во градинка одбива да зборува и со воспитувачките и со децата. Ги обожава сите, сака да оди во градинка, извршува сѐ што треба, си игра, ама не зборува. Дури и на приредба не ја кажа песничката иако дома ни ја кажуваше. Што да правиме?

ОДГОВОР: Претпоставувам дека вашето девојче се бори со развојна анксиозност во градинка која се нарекува селективен мутизам.

Селективниот мутизам е анксиозно растројство кое обично започнува околу тригодишна возраст, кога детето првпат влегува во социјалната средина, односно во градинка. Не зависи од органски дисфункции, проблеми со развојот на јазикот или интелектуални дефицити, туку е одговор на силна емоционална состојба поврзана со анксиозноста: анксиозноста е толку силна што ги вкочанува гласните жици и го спречува детето да артикулира звуци.

Децата што се соочуваат со овој проблем се способни да го разберат говорниот јазик и имаат способност да зборуваат нормално и да се чувствуваат спокојно сѐ додека им се обраќаат на своите родители или браќа и сестри во домашна средина. Оттука и терминот „селективен“, кој укажува на тешкотијата на детето да се изрази во социјални средини во кои не се чувствува спокојно.

Многу често родителите, како и вие, го опишуваат своето дете како сосема поинакво кога е дома отколку кога е во градинка или училиште или на јавни места.

Важно е да се нагласи дека детето со ваков вид тешкотии не се обидува да привлекува вниманието или, пак, да тера инает, напротив, тоа е обземено од вознемирувачката состојба која ја чувствува, кога „зборовите едноставно не сакаат да излезат!“

Потрудете се да го направите спротивното. Да престанете да го фокусирате вниманието на зборувањето. Да заборавите дека по секоја цена треба да се слушне нејзиниот глас. Би требало да научите да ги слушате емоциите, да ги толкувате другите канали за комуникација што постојат кај детето. Детето се деблокира постепено, можеби почнувајќи да разговара со другарчиња надвор од градинката.

Проблемот е минлив. Би било добро да посетите детски психолог кој работи со овој проблем. Првенствено да се утврди зошто вашето девојче не зборува во градинка и дали е во прашање селктивниот мутизам или нешто друго. Важно е да ја следите обуката и да знаете на кој начин да се однесувате понатаму.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X