По повод новогодишните и божиќните празници, решивме да организираме приредба во која ќе ги вклучиме децата кои го посетуваат нашето училиште, да интерпретираат на македонски јазик. Децата ги надминаа очекувањата на сите присутни. Ние како учителки сме презадоволни од крајниот резултат, знаејќи дека ова е прва приредба спроведена на македонски јазик на овие простори, вели наставничката Нарциса

Македонската заедница во Чикаго го промовира и поддржува македонскиот јазик, неговото значење, важност и традиција. Неодамна објавивме за новоотворената школа за македонски јазик во рамките на црквата „Св. Кирил и Методиј“, која на децата им ги открива тајните и убавините на македонскиот јазик.

Нарциса и Симона се наставнички по македонски јазик, едукаторки кои им го доближуваат македонскиот јазик на сите деца во Чикаго што имаат интерес да ја научат македонската азбука, граматика и сѐ што е поврзано со македонскиот јазик. А овој пат, по повод новогодишните и божиќните празници, тие подготвија претстава комплетно на македонски јазик.

Ја пееја „Елко, елко“ на македонски јазик и други новогодишни и божиќни песнички, имаа рецитал, изразија благодарност на македонски јазик пред многубројната публика составена од родители, баби и дедовци, роднини и пријатели.

Учествуваа околу 80 дечиња

– По повод новогодишните и божиќните празници, решивме да организираме приредба во која ќе ги вклучиме децата што го посетуваат нашето училиште, да интерпретираат на македонски јазик. Со оглед на тоа што на часовите ја учиме основата на македонскиот јазик, одбравме стихотворби и песнички кои се соодветни за нивната возраст, а ги побаравме во учебниците за македонски јазик од основното образование во Македонија – изјави Нарциса, една од наставничките по македонски јазик.

Таа ни сподели дека децата што учествуваа на претставата се од различна возраст, но сите заедно работат, се дружат, соработуваат…

-Работиме со деца од 4 до 14-годишна возраст, па така селектираниот материјал го поделивме на две групи. Учествуваа околу 80 дечиња. Во првата група беа децата од 4 до 6 години, за кои ни требаше малку повеќе време за подготовка имајќи предвид дека некои зборчиња сѐ уште им се тешки за изговор. Целта беше сите да бидат вклучени барем со по еден стих. Во втората група имавме селектирано неколку стихотворби кои беа на малку повисоко ниво. На наше задоволство, децата доброволно се пријавија да читаат на македонски јазик. Со наша, а секако и со помош од родителите, ги научија без никакви проблеми – раскажува Нарциса.

Во најава нови приредби

Приредбата се одржа на 4 јануари, а се подготвувале неколку недели пред самиот настан.

– Имавме една проба која помина во најдобар ред. Целиот настан беше поддржуван од професионален пијанист, кој инструментално ги придружуваше децата во пеењето. Децата ги надминаа очекувањата на сите присутни. Ние како учителки сме презадоволни од крајниот резултат, знаејќи дека ова е прва приредба спроведена на македонски јазик на овие простори. До крајот на учебната година планираме повеќе вакви манифестации, со многу побогата програма – дополнува нашата соговорничка Нарциса.

Претставата може да ја погледнете на линкот.



912

X