Дали е ова уште еден празник кој ни е наметнат и слепо го прифаќаме иако нема никаква врска со македонската традиција или, пак, на него треба да се гледа како на уште една радост за децата? Мислењата се поделени
Деца облечени во маски на вештерки, вампири, гоблини, нашминкани со црвена боја која треба да личи на крв, обоени бели лица што личат на духови… Ова е сликата низ трговски центри и училишта на денот кога се слави Ноќта на вештерките или Халовин. Рафтовите во големите маркети изминатиов период беа преплавени со тикви и страшни маски наменети за славењето. Дали е ова уште еден празник кој ни е наметнат и слепо го прифаќаме иако нема никаква врска со македонската традиција или, пак, на него треба да се гледа како на уште една радост за децата? Мислењата се поделени.
На овој ден, според традицијата онаму каде што долго се слави, едни деца плашат други, палат логорски огнови, читаат страшни приказни, организираат маскенбали, резбаат тикви и гледаат страшни филмови.
„Децата со нетрпение го очекуваат овој ден“
Андријана Петровски е професорка во приватно училиште за англиски јазик. Таа вели дека во училиштето се слави Халовин веќе 14 години.
– Иако многу луѓе се против славењето на овој празник, целта ни е, покрај тоа што го изучуваме англискиот јазик, да ги доближиме децата до англиската цивилизација и на тој начин да создадеме повеќе мотив и желба за изучување на јазикот. Децата со нетрпение го очекуваат овој ден, кога организираме голема забава, се маскираме, правиме фенери од тикви, играме различни игри, меѓу кои и Apple bobbing, Apples on strings и секако уживаме во гласна музика, храна и сокчиња – вели Андријана.
Маја Ј., мајка на две деца, вели дека веќе купила костими за едното дете од еден од трговските центри за да се маскира на часот по англиски јазик.
– На сето ова гледам како на забава за децата. Тоа е само еден период во годината. Има бизнис. Исто како и за Божиќ и за Велигден, на многумина поентата им е да продадат што повеќе маски, тикви. Но, важно е дека децата се забавуваат – вели таа.
Проф. Матевски: Славењето е надвор од памет, се прави бизнис
Халовин е шкотско-ирска традиција. Образовните институции во многу европски земји се конзервативни во позитивна смисла, во смисла на тоа да ја задржат традицијата на еден народ. Нашите училишта, според проф. д-р Зоран Матевски, професор по социологија на религијата на скопскиот Филозофски факултет, треба да чуваат културни матрици од македонската култура, а не да прифаќаат матрици од други култури.
– Деца да слават вакво нешто кај нас е надвор од памет. Со тоа се руши улогата на училиштата, кои треба да ја негуваат македонската традиција, и поради тоа не смее да се дозволи славење во градинка или во училиште. Ако децата сами се организираат и си слават, на пример, во ирски паб, тогаш е во ред, но тоа никако не смее да се прави во градинка или во училиште. Со овој празник се слави злото, се слават негативни елементи. Тоа е митолошка приказна која нема врска со православното христијанство – смета професорот Матевски.
Според него, во католичко училиште вакво нешто нема шанси да се случи бидејќи славењето на Ноќта на вештерките е во насока на промоција на многубоштвото, политеизмот.
– Валентајн барем е поврзан со христијанството, ја слави љубовта. Халовин, од друга страна, е употребен од цела маркетиншка структура, важно е да се продадат тиквите и маските, се прави бизнис од сето тоа и се комерцијализира. Освен тоа, се промовираат хорор-филмови, а тоа носи штета и затоа мора да престане – дециден е Матевски.
Мал дел од децата може да развијат страв
Отсекогаш постоела традиција кај децата да направат сензација, односно, на пример, да слушаат приказни за духови, вели психологот Катина Павлоска, специјалист по медицинска психологија.
– Со тие чувства на страв децата сакаат да фантазираат, тие знаат што може да очекуваат. Тоа е потреба на човекот, преку фантазија да се соочи со своите стравови. Децата сакаат да фантазираат за постоење на вештерки, тие сакаат адреналин. Мал дел од нив развиваат посериозни стравови – вели Павлоска.
Што е Халовин?
Инаку, Халовин е празник кој се враќа на традициите на античките Келти во Ирска и Шкотска. Се слави секоја година на 31 октомври, во пресрет на Денот на сите светии. Ноќта на вештерките традиционално се слави во земјите каде што се зборува англиски, иако тоа не е државен празник. Од крајот на 20 век, за време на процесот на глобализација, модата за славење на Ноќта на вештерките исто така се појавила и во повеќето неанглиски земји од Европа. Ноќта на вештерките неформално се слави во некои други земји што имаат блиски културни врски со САД или Обединетото Кралство, на пример, во Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Австралија и Нов Зеланд, во голем број земји во Океанија.
Потеклото на овој празник е келтскиот фестивал на Самаин. Овој ден често е поврзан со црната и портокаловата боја, а главен симбол е фенерот од тиква.
912