Вашето малечко веќе не е бебе, но не е ни доволно возрасно за да си игра самостојно. Честопати станува многу заморно и за него и за вас, ако немате забавни, развојно предизвикувачки и високо стимулативни активности, за да го окупирате. Играјте заедно со следните понудени игри.
Еве интересни активности за 2-годишни деца:
Сензорни активности за деца од 2 години
Мирисно тесто за игра
Додадете мириси како ванила, лаванда или цитрус во тестото за играње претходно направено од брашно, сол и вода и оставете го детето да ги вклучи своите сетила додека го меси, обликува и истражува миризливото тесто, поттикнувајќи кај него сетилен развој и опуштање. Вклучете и кујнски алатки во играта, како што се виљушки и сечачи за колачиња, за да изработите забавни форми.
Сензорни кантички
Сега кога вашето дете е постаро од 18 месеци, сензорните кантички се одличен начин за детето да истражува нови текстури и тактилни сензации. Обидете се да наполните голем, но плиток сад за печење или тавче со грав, ориз или песок, а потоа фрлете неколку од неговите омилени играчки како што се, на пример, малечките метални автомобиличиња или камиони за копање, како и предмети што се наоѓаат во природата, како шишарки, желади и цвеќиња. Оставете го детето да истражува со рацете, откривајќи различни текстури и форми.
Големо ископување
Замрзнете мали играчки или предмети во голем блок мраз и обезбедете му на вашето дете алатки, како што се лажици или четки за отсекување и топење на мразот, охрабрувајќи ги фините моторни вештини кај детето, решавањето проблеми и сетилното искуство.
Развојни активности за деца од 2 години:
„Пом пом“ забава
Дајте му на вашето дете две лажици и сад со шарени „пом пом“ топчиња и поттикнете го да ги преместува топчињата од еден сад во друг, за да ги подобри фините моторни вештини, координацијата на очите и концентрацијата. Потоа побарајте од детето да најде само црвено или само зелено топче.
Организирајте лов на богатство
Скријте исечени хартиени облици низ куќата и помогнете му на вашето дете да ги бара, поттикнувајќи го кај него препознавањето на формите, решавањето проблеми и развојот на грубите моторни вештини, додека детето се движи наоколу и собира триаголници, квадрати, кругови и ѕвезди.
Активности што треба да ги направите со 2-годишно дете:
Ден за кафе
Размислете да го одведете вашето двегодишно дете на состанок во блиското кафуле. Ќе биде воодушевено што се занимавате само со него, па ќе има чувство како да е големо. Можеби можете да зборувате за вашиот ден, да гледате во луѓето околу вас и да пиете од чаши за возрасни. Дома, исто така, заедно можете да си играте „кафуле“.
Ориз во бои на виножито
Обојте го оризот во различни бои користејќи бои за храна и дозволете му на вашето дете да создаде шарени ремек-дела, со лепење на оризот на хартија или картон, обезбедувајќи му богато сензорно уметничко искуство кое промовира креативност и развој на фината моторика.
Направете лавиринт
Користејќи селотејп, направете лавиринт или патека за тркање со автомобили на подот. Вашето малечко може да вози замислено возило низ патеката или да користи скутер, трицикл или автомобил-играчка. Гледајте како детето ги развива своите груби моторни вештини, рамнотежа и просторна свест.
Фолија со меурчиња
Дали имате фолија (обвивка) со меурчиња? Поставете ја обвивката на рамна површина и оставете го детето да ги стиска, гази, скока или удира меурчињата, на тој начин комбинирајќи ги тактилните и аудитивните искуства, додека со процесот се поттикнуваат движењето, координацијата и сензорната стимулација.
Автор: Јасна Дреновац
912