Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 8 години и понекогаш знае да се измочка в кревет во текот на ноќта. Тоа се случува кога нема да го разбудиме во текот на ноќта. Веќе е голем, па кога ќе се разбуди, срам му е поради тоа што се случило. Сме пробале со аларм, да не пие течности по 20 часот, но повторно исто. Ако го разбудиме да оди во тоалет ноќта, тогаш сѐ е во ред.

ОДГОВОР: Постигнувањето на волна контрола на мокрењето претставува важен показател за социјалните и развојните постигнувања на детето.
Постои мала разлика во возраста и перцепцијата на енурезата кај женските и машките деца. Генерално машките постигнуваат контрола (дневна и ноќна) подоцна.

Енурезата е поделена на:

Примарна енуреза, која се јавува кај деца над 4 години кои сè уште немаат стекнато целосна ноќна контрола на сфинктерите и поради одложено созревање на мочниот меур или хормонални проблеми, тие не се во состојба да го контролираат мокрењето.

Секундарна енуреза, зборуваме за секундарна енуреза кога детето, по период од најмалку 6 месеци контрола на сфинктерите на мочниот меур, повторно почнува да мокри в кревет. Генерално, причината е психолошка: силен стрес или емоционално и психички стресни ситуации, како што се траума, раѓање на брат или сестра, преселба, големи промени итн.

Симптоматска енуреза, за разлика од другите две, овој тип енуреза се јавува како последица на болест, дијабетес, уринарна инфекција, епилепсија, но и како резултат на емоционален стрес.

Во вашата порака наведовте дека понекогаш се случуваат овие епизоди, а не така често. Би ве прашала дали секоја ноќ навивате аларм? Дали секоја ноќ го будите?
Ако ja исклучиме медицинската страна, многу проблеми со кои се борат децата во нивната развојна возраст се психолошки и поврзани со емоциите што ги доживува детето.

Би ве посоветувала да разговарате со вашиот педијатар, а во исто време да го развивате односот со вашето дете, да разговарате, да поминувате време заедно во некои активности. Да бидете запознаени што му се случува на училиште, со другарчињата, дали чувствува некој стрес или непријатни случувања. Секако, не многу наметливо и да бидете полни со љубов и разбирање. Разговарајте за емоциите и вербализирајте ги. Бидете нежни и дајте му поддршка. Последните истражувања покажуваат дека времето поминато пред екран, особено блиску до времето за спиење, може да придонесе за мокрење в кревет кај децата.

Сината светлина може да го потисне производството на мелатонин, хормон кој ги регулира циклусите на спиење и будење и потенцијално може да ја наруши контролата на мочниот меур за време на спиењето. Поради ова, обрнете внимание колку време поминува пред екран пред спиење.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X