Кога ќе се роди, на новороденчето во болница му се прават цела низа прегледи, а му се дава и одредена терапија. Тие продолжуваат и кога мајката и бебето ќе си дојдат дома. Прим. д-р Елизабета Љ. Петковска, раководител на Одделението за интензивен третман на новородени деца при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, ни објасни за прегледите што се прават кога ќе се роди бебето, но и за тоа кои знаци кај новороденото треба да ги препознаат потоа родителите за да побараат лекарска помош

Иницијалeн преглед на новороденчето

Во родилиштата овој преглед се прави во првите 30 секунди од раѓањето и опфаќа брза процена на дишењето, работата на срцето и тонусот, гестациската возраст и родилната маса, како и присуството или отсуството на мајорни или крупни аномалии кај новороденчето. Доколку нема отстапување од нормалниот наод, новороденчето покриено со ќебенце се остава на градите од мајката, се пресекува папочната врвца во периодот помеѓу првата и третата минута и се воспоставува контакт кожа на кожа или т.н. рано кенгурирање уште во родилната или операционата сала во времетраење од 1-2 часа.

АПГАР-оцена

Давањето на т.н. АПГАР-оцена во првата, петтата и во десеттата минута од раѓањето дава репродуктивна, квантитативна и полуобјективна процена на состојбата на новороденчето. Таа е корисна за ран увид во адаптацијата на новороденчето во текот на овој ран транзиторен период на живот надвор од утробата на мајката.
Денес, повеќе не се препорачува да се користи АПГАР-оцената на раѓање во предвидувањето на евентуален неповолен исход кај новороденчето или во развојот на доцни, невролошки компликации. Веќе споменатата првична процена на тонусот, дишењето и на срцевата работа во текот на првите 30 секунди додека новороденчето се пребришува со топла пеленка или пешкирче е многу подобар параметар за процена на неговата состојба по раѓањето и евентуалната потреба од дополнителна помош за продишување, односно оживување.

Првичен рутински преглед

Се прави во првите 24 часа од раѓањето и е систематичени сеопфатен преглед – од глава до прсти, со проверка на сите негови природни отвори, со информирање и прибележување за евентуално присуство на вродени аномалии.
Прегледот се прави внимателно и секогаш кај соблечено или голо бебе во просторија што е тивка, добро осветлена и затоплена, со темелно измиени и затоплени раце за да се превенира ризикот од вкрстени инфекции.
Во текот на прегледот се прави процена на севкупниот изглед и општата состојба на новороденчето, со посебен осврт на тонусот, бојата на кожата, будноста и карактерот на плачот.
Главен чекор во рутинскиот преглед на новороденчето е процената на неговата зрелост, односно дали станува збор за новороденче родено во термин или матурно, зрело новороденче (на возраст од 37 до 42 гестациски недели) или за предвремено родено, незрело новороденче или прематурус (на возраст помала од 37 гестациски недели).

Процена на грижата и негата

Потоа кај новороденчето се мерат димензиите од типот на должина, обем на гради, граден кош и родилната маса, се бележат во табелата за раст и по нив се одредува дали новороденчето има соодветни, поголеми или помали димензии и родилна маса, кои отстапуваат од оние за гестациската возраст на новороденчето.
Од оваа процена зависи типот на грижа што ќе се укаже на новороденчето, па така позрелите новороденчиња и со поголема родилна маса заедно со своите мајки престојуваат во rooming in системот, додека оние понезрелите, со мала родилна маса, имаат потреба од друг тип на грижа, па се сместуваат во одделенијата за специјална или интензивна нега и третман.

Д-р Елизабета Љ. Петковска

Преглед во присуство на мајката

Почитувајќи ги потребите на парот мајка-новороденче, за бебињата што се сместени заедно со нивните мајки во rooming in системот се практикува првичниот систематски и сеопфатен преглед да се направи во текот на првите 24 часа од раѓањето и во истата просторија, бидејќи со тоа се обезбедува вклученост и навремена и точна информираност на мајката и семејството. Така и ќе се добијат дополнителни информации за евентуално постојни ризик-фактори во текот на бременоста и породувањето, а кои можат да влијаат врз здравјето на новороденчето.

Прво бањање, лесно облекување

Првото бањање на новороденчето се одложува 24 часа од раѓањето. Доколку се инсистира тоа да се направи од религиозни причини, потребно е да се одложи барем во првите 6 часа. Се избегнува цврсто повивање на новороденчето. Новороденчето треба да биде лесно облечено, со капче на главата и чорапчиња на стапалата, бенкичка и шпилхозни и без потребна индикација да не се одделува од мајката.

Карактеристики на здраво новороденче

Здравото новороденче е активно, со раце и нозе во флексиона или потсвиткана положба, со телесна температура која измерена во пазувите изнесува од 36,5  до 37,5 Целзиусови степени, има повеќе од 100 срцеви отчукувања и 30 до 60 дишни екскурзии на градниот кош во минута. Тоа реагира на допир, светлина и звуци, еднакво ги движи двете раце и нозeте, има добар рефлекс за цицање и во текот на првите 24 од раѓањето мокри и има првична, т.н. мекониум или празнење на цревата. Родителите треба да се научат да ги препознаваат оние знаци што отстапуваат од нормалните и се живото-загрозувачки.

Престој од најмалку едно деноноќие и дополнителни прегледи и вакцини

Во родилиштата, во состав на rooming in системот, се препорачува престој од најмалку 24 часа на парот мајка-новороденче, пред сè, заради воспоставување на доењето и промоција на предностите и корисноста од доењето во првите 6 месеци од животот на бебето, како и детекција на рана појава на жолтица кај новороденчето, ординирање на витамин К, како превенција од крвавење, а поради негов дефицит, добивање прва доза од вакцина Engerix B за превенција на хепатит Б, а при испис BCG вакцина за превенција на туберкулоза. Се препорачува и реализирање на скрининзите за детекција на вродени срцеви маани, вродена лабавост на колковите, вродена хипотиреоза и за цистична фиброза. Во тек е воведување и скринингот за слух за превенција на глувост.
Кај предвремено родените новороденчиња кои имаат зголемен ризик за загуба на видот поради незрелост на ретината, редовно се спроведува скринингот за ретинопатија на прематуритет, кој во нашата земја е воведен од 2009 година.

По излегување од болница

Сите наоди од првичниот систематски преглед кај новороденчето, скрининзите и вакцинациите потребно е да се документираат како во неговата историја така и во неговото исписно картонче, кое претставува негова лична карта што содржи голем број потребни информации и е од голема помош во понатамошното планирање на грижата и постнаталните контроли за мајката и новороденчето во првите 42 дена (или 6 недели) од раѓањето.
По првичниот рутински преглед, кај новороденчето се задолжителни уште најмалку 3 последователни прегледи, од кои еден при испис од родилиштето, на возраст од 48 до 72 часа, и уште два кај матичниот педијатар, еден на возраст од 7 до 14 дена, а другиот на возраст од 42 дена или 6 недели по раѓањето.



912

X